„Секој што ќе помисли да ги нападне утрешните демонстранти, без разлика што нивниот протест е незаконски, веднаш ќе биде уапсен. Секој учесник во протестот ако нападне кој било друг или која било институција, ќе биде уапсен и изведен пред лицето на правдата. Нашата цел е да ја зачуваме стабилноста, да обезбедиме безбедност и во тоа ќе успееме како држава. Ги повикувам сите граѓани на Србија да не предизвикуваат немири“, рече српскиот претседател
Државата ќе преземе мерки за обезбедување на утрешниот протест во Белград, а целосната одговорност за она што ќе се случува ќе биде на организаторите. Ова денеска на прес-конференција го соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, еден ден пред најавениот студентски протест во Белград, посочувајќи дека собирот не е пријавен кај надлежните институции.

Предупреди дека секој што ќе се обиде да го наруши јавниот ред и мир ќе биде уапсен.
„Секој што ќе нападне демонстранти ќе биде уапсен, а истото ќе важи и за учесниците на протестот кои ќе нападнат други граѓани или институции“,
рече тој.
Ги повика безбедносните служби да не применуваат сила без тоа да биде неопходно.
Сепак, додаде дека сите лица кои, како што рече, „планирале насилно влегување во институции“, ќе бидат уапсени.
„Ние сме демократска земја и наместо пендреци што би ги користеле во Германија, Франција и другите западноевропски земји, ќе помогнеме на секој начин да го обезбедиме нивниот собир“,
кажа српскиот претседател.
Повтори дека државата ќе направи сѐ за да ги обезбеди учесниците на собирот, но и сите други луѓе.
„Државата Србија ќе ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди мир. Тие што ќе го нарушат мирот ќе бидат уапсени и најстрого казнети. Секој што ќе помисли да ги нападне утрешните демонстранти, без разлика што нивниот протест е незаконски, веднаш ќе биде уапсен. Секој учесник во протестот ако нападне кој било друг или која било институција ќе биде уапсен и изведен пред лицето на правдата. Нашата цел е да ја зачуваме стабилноста, да обезбедиме безбедност и во тоа ќе успееме како држава. Ги повикувам сите граѓани на Србија да не предизвикуваат немири“,
посочи Вучиќ.
Според него, полицијата му доставила информација дека открила молотови коктели и бејзбол-палки во автомобил недалеку од зградата на Радио-телевизија Србија.
„Заборавете на оние детски приказни за шарени револуции. Премногу е глупаво и премногу инфантилно да се прави тоа. Ако имате порака, дајте порака. Супер, ќе соберете десетици илјади луѓе, многу сте јаки, кажете ни сѐ што сакате и да видиме дали сакате да разговараме“,
вели српскиот претседател.
Претседателката на парламентот на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека зградата на законодавниот дом ќе биде затворена од денеска до понеделник, од безбедносни причини.
На денешната прес-конференција таа оцени дека затворањето на парламентот еден ден пред студентските протести во главниот град на Србија е нормално, природно и единствено можно решение за да се избегне каква било злоупотреба на државните институции.
Студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите низ Србија, повикаа на масовен протест во Белград на 15 март. Властите во Србија со денови најавуваат можни немири на најавените демонстрации, додека студентските организации се оградуваат и повикуваат на мирен протест.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Белград издаде безбедносно предупредување за своите државјани во врска со утрешниот протест во главниот град на Србија. Во известувањето до американските граѓани, Амбасадата на САД ги повикува да ги избегнуваат местата на масовни собири.