Данската полиција, како што пренесува Би-би-си, засега не може да го потврди видот или бројот на дронови забележани околу аеродромот во Копенхаген, ниту нивното потекло
Данска и Норвешка синоќа биле принудени привремено да ги затворат за сообраќај своите главни аеродроми во Копенхаген и во Осло поради забележани дронови во нивна близина, јавуваат светските медиуми.

Данската полиција, како што пренесува Би-би-си, засега не може да го потврди видот или бројот на дронови забележани околу аеродромот во Копенхаген, ниту нивното потекло.
„Не е познато од каде доаѓаат дроновите. Исто така, не е познато каде летале“,
изјавил заменик-полицискиот инспектор на данската полиција, Јакоб Хансен.
Портпаролот на аеродромот во Копенхаген потврдил дека воздушниот простор над аеродромот бил затворен вчера вечер околу 20:30 часот по локално време, поради неидентификувани дронови.
„Ниту еден авион не може да полетува или слетува на аеродромот, и како резултат на тоа, неколку летови се пренасочени кон други аеродроми“,
било наведено во соопштението.
Веб-страницата за следење летови „Флајтрадар 24“ (Flightradar24) објави дека најмалку 35 летови насочени кон Копенхаген биле пренасочени поради затворањето на аеродромот.
Проверките на аеродромот во Копенхаген продолжиле до околу половина час по полноќ, според локално време, откако летовите биле суспендирани речиси четири часа поради забележаните дронови.
Аеродромот во Осло, исто така, бил повторно отворен по околу четири часа затворање на воздушниот простор.
Дека дрон бил забележан во близина на главниот аеродром во Осло, доцна синоќа потврдила норвешката полиција за јавниот радиодифузен сервис НРК (NRK).
Портпарол на аеродромот за НРК изјавил дека воздушниот простор над аеродромот е затворен на полноќ по локално време поради забележани дронови и дека сите летови ќе бидат пренасочени кон најблискиот аеродром.
Околу 04:30 часот утрово (по локално време) портпаролот изјавил дека аеродромот во Осло е повторно отворен.
Од данската полиција соопштиле дека ќе соработува со норвешките власти за да се разјасни дали постои врска меѓу двата инциденти.
Данската полиција, исто така, соопштила дека „ќе бидат спроведени голем број мерки“ како дел од истрагата, но не потврди за какви мерки станува збор.
Во понеделник вечерта, според властите, два до три големи дронови биле пријавени како летаат во областа околу аеродромот во Копенхаген.

На прашање на новинарите дали дроновите се од руско потекло, претставникот на данската полиција Јакоб Хансен рекол дека дека не може да го потврди, ниту да го негира ова.
Украинскиот претседател Володимир Зеленск во изјава на социјалните мрежи, објавена подоцна се осврна на „руското кршење“ на воздушниот простор на НАТО во Копенхаген на 22 септември, без да го наведе изворот на ваквите информации, пренесе Би-би-си.
Засега нема официјална реакција од лидерите на Европската Унија и НАТО.
Од данската најавиле дека денеска ќе имаат уште една прес-конференција во врска со случајот.