Според УХМР, зголемување на нивото на водата се бележи и на Црна Река кај Новаци, на Брегалница кај Берово, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Сатеска кај Ботун, како и на Црн Дрим кај Ложани
Нивоата на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро, пак, се во рамките на февруарскиот просек
Обилните врнежи од дожд што изминатите неколку дена ја зафатија државата предизвикаа значително зголемување на водостоите на реките.

Ова го покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за состојбата со нивоата на реките и езерата во земјава до утрово во 7:30 часот.
Според УХМР, нивото на речиси сите поголеми водотеци во државата е далеку над просекот за февруари, а на одредени места се бележи зголемување и за повеќе од четирипати во однос на вообичаените вредности.
Најизразена е состојбата со реката Треска кај Македонски Брод, каде што, според најновите мерења, нивото на реката изнесува 196 сантиметри, што е точно четири пати повеќе во споредба со февруарскиот просек кој изнесува 49 сантиметри.
Значително покачување на нивото, на безмалку целиот свој тек на територијата на државата, бележи и најголемата македонска река Вардар. Кај Јегуновце, Тетовско утрово, според УХМР, се измерени 220 сантиметри, што е за два и пол пати повеќе од вообичаеното ниво за овој период од годината.
Зголемено ниво на водостојот на Вардар е регистриран и кај Скопје, Велес и Демир Капија.
Според УХМР, зголемување на нивото на водата се бележи и на Црна Река кај Новаци, на Брегалница кај Берово, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Сатеска кај Ботун, како и на Црн Дрим кај Ложани.
Нивоата на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро се во рамките на февуарскиот просек.

Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на некои од водотеците поради што под вода се најдоа дел од земјоделските површини, а поплавени се и домови и други објекти.
Најкритична е ситуацијата во Кичево и околината, каде поради поплавени домови на повеќе улици, евакуирани се вкупно 250 жители, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што им се обезбедени храна, водат и хигиенски производи.
Во меѓувреме, екипи на Јавното претпријатие „Комуналец“ и локалната Територијална противпожарна единица, според Центарот за управување со кризи (ЦУК), работат на испумпување на водата од подрумите на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“ и „29 Ноември“ во Кичево.
