Во „360 Степени“ на Алсат тема беше потрагата по поинакви модели за управување со заедничкото добро – од природно до инфраструктурно, со самоорганизирање на граѓаните.
Ивана Драгшиќ, претседателка на „Плоштад Слобода“ во дебатата зборуваше за политичкото, искуствено, културолошко историско наследство во некакви форми на самоуправување од времето на Југославија.
– Нормално, критиката е на линија дека тие се дојдени одозгора надолу и можеби затоа и се срушиле, меѓутоа во одреден момент, цивилизациски, историски, екс-социјалистичките општества се уште имаат одредена заедничка инфраскструктура, и како образование, и како пасишта и шуми којашто западниот прокапиталистички свет веќе одамна ги немаше на располагање. Промените во државата, барем во 20 век така како што се случуваа, не се случија само поради тоа што беше неуспешен моделот, туку и поради самите уставни промени, промените на третирањето на сопствеништвото и економските промени и она што после тоа се одслика – рече Драгшиќ.
На прашање за тоа зошто би се оддалечувале од моделот на општествено уредување какво што имаат земјите од ЕУ, каде најдостоинствено се живее, Драгшиќ ја посочи финансиската криза од 2008 и последиците од неа, велејќи дека по кризата, најдобриот и најкорисниот одговор во повеќе европски земји дојде од движењата на самоорганизирање и самоуправување.
– Истото можеме да го кажеме и за Република Македонија, чии институции 10-12 години беа окупирани од одредени политички елити, од одредена партија, и кога јавните институции почнаа да потфрлаат во давањето јавни услуги за своите граѓани, голем дел од цивилното општество ги пружаше тие услуги – рече Драгшиќ.
Таа ги спомена како пример и месните заедници во руралните средини кои и денеска ги имаат печатите од СФРЈ и кои имаат поголем увид за потребите и потенцијалите на заедницата од која доаѓаат и им помагаат на жителите.
Напишете коментар