Драгица Ѓавочанова влегува во Собранието како нова пратеничка на местото на Зоран Заев, кој си поднесе оставка. ДИК на седница го усвои извештајот и го додели уверението за мандатот, по што сега процедурата повторно се враќа во законодавниот дом каде што на собраниска седница треба да се верификува нејзиниот мандат.
Ѓавочанова доаѓа од Богданци. Таа беше 11. по ред на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата „Можеме“ во Изборната единица 4. Во оваа изборна единица социјалдемократите освоија 10 пратеници, а по оставката на Заев, кој беше носител на листата во „четврката“, во парламентот влегува следниот од листата, во случајот Ѓавочанова. Според информациите што се достапни јавно, Ѓавачанова е наставничка по математика, а во последните неколку години е дел и од Советот на Општина Богданци.
Се очекува, по оставката, Заев утре како мандатар до Собранието да го предложи составот на новата влада, која веројатно ќе се гласа во текот на викендот. Покрај Заев, до крајот на денот оставки ќе поднесат и пратениците што ќе бидат министри во новата влада: уште 6 од СДСМ (Никола Димитров, Мила Царовска, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Јагода Шахпаска и Радмила Шекеринска) и еден од ДУИ (Насер Нуредини).
Претходно во текот на денешниот ден беше констатирана оставката на Флорин Бесими, кој се повлече откако ДУИ објави дека ќе го предложи неговиот брат Фатмир Бесими за министер за финансии.