Особено се нагласува потребата од почитување на дозволениот број на гости во објектот, работното време, одредбите од Законот за заштита од пушење и сите други релевантни законски обврски

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најави спроведување засилени инспекциски надзори во сите угостителски објекти во пресрет на празниците, кога се очекува значително зголемен број на прослави.
Целта на засилените контроли е спречување нерегуларности во работењето на објектите и обезбедување максимална заштита на гостите.
Од Инспекторатот упатија апел до угостителите да постапуваат совесно и да се придржуваат до сите законски одредби кои го регулираат нивното работење.
Особено се нагласува потребата од почитување на дозволениот број на гости во објектот, работното време, одредбите од Законот за заштита од пушење и сите други релевантни законски обврски.
ДПИ предупредува дека соодветно ќе реагира за секое непочитување на законските обврски и најави дека ќе преземе мерки и санкции согласно законите.
Од ДПИ ги повикуваат граѓаните активно да се вклучат и секоја неправилност која ќе ја забележат да ја пријават во Инспекторатот на телефонскиот број 191 или на веб-страницата : www.dpi.gov.mk.
