Во периодот од 24 февруари до 6 март годинава, Државниот пазарен инспекторат спровел вкупно 365 инспекции во малопродажни објекти и 64 во големопродажни, со што биле опфатени над илјада трговски субјекти
Осум правни субјекти, меѓу кои три маркети, една аптека и тројца од најголемите увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради целосно непочитување на владините мерки за маржите. Ова денеска го соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, посочувајќи дека контролите утврдиле дека овие правни субјекти устварувале маржи и до 70 отсто, што значително ги надминува утврдените ограничувања.
Покрај привремено затварање, овие компании ќе бидат и парично казнети.

„Кај овие правни субјекти, заедно со инспекторите увидовме фрапантни маржи и до над 70 отсто. Ова генерално се мали маркети“,
рече тој.
Посочи дека се обработуваат уште 30 предмети што се однесуваат на различни големи маркети.
„Инспекторите се постојано на терен и се спроведуваат контроли без прекин. Во моментов работиме на 30 дсополнителни предмети што ги опфаќаат сите големи маркети“,
вели директорот.
Сепак, негова генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат.
Во периодот од 24 февруари до 6 март годинава, Државниот пазарен инспекторат спровел вкупно 365 инспекции во малопродажни објекти и 64 во големопродажни, со што биле опфатени над илјада трговски субјекти.
Констатирани се 36 неправилности, а издадени се прекршочни платни налози со вкупен износ од 42 илјади евра.
Одлуките на Владата за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на дел од цените на прехранбените производи ќе траат до 30 април. Опфатени се производи од 102 групи.
Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи како месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува за 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
