Утринава кон местото на пожарот се движат тимови од ТППЕ Охрид, НП Галичица, Планинска спасителна служба и од Дирекција за заштита и спасување
Поради дождот, планот за акција, која беше предвидена да се спроведе денеска во зоната пожарот на планината Галичица со поголем број луѓе, е променет. Утринава кон местото на пожарот се движат тимови од ТППЕ Охрид, НП Галичица, Планинска спасителна служба и од Дирекција за заштита и спасување, околу 24 луѓе, објави Охридњуз повикувајќи се на информации НП Галичица.
Дождот не бил доволен за целосно гасење на пожарот и сè уште има чад во опожарените делови, а тимовите што се упатени таму ќе ја искористат влажноста да го локализираат пожарот.

Од Центарот за управување со кризи доцна вчера објавија дека после интервенцијата на армискиот хеликоптер и повремениот слаб дожд, пожарот во најголем процент е локализиран. Се забележуваат уште три помали жаришта каде што сè уште чади. За денеска најавија дека екипа од околу четириесетина лица составена од припадници на ТППЕ Охрид, НП Галичица, ПО ДЗС Охрид, ПСС Охрид и одреден број на волонтери ќе направат целосна проверка на опожарениот простор.
Договорена е целосна логистичка поддршка за дејствување на лицата што ќе бидат на терен, како и механизација за прочистување на планинските патишта.
Исто така, во текот на денешниот ден ќе дејствуваат два хеликоптери, меѓутоа прво ќе се чекаат упатства од екипата која утре изутрина ќе се обиде да го изгасне пожарот со копнена интервенција. Доколку се појави потреба од интервенција на хеликоптерите, тие ќе бидат активирани, велат од ЦУК.
Пожарот првично започна на територијата на Албанија, а пред една недела се прошири и на македонската страна.
Изминатите шест дена високо на Галичица гореше ниска трева, за потоа да биде зафатен мал дел од шумата, долу на 1 600 метри надморска височина.
Процените на Главниот штаб се дека поради тоа што на Галичица има голем број гранати, куршуми и други експлозивни направи, не е безбедно пожарот да се гасне со хеликоптери или од земја. Стратегијата што ја зазел штабот била, кога пожарот ќе се спушти кон шумата, со цистерни да се навлезе по патиштата кои се безбедни и оттаму да се гасне. Само од синоќа по полноќ се слушнати најмалку три експлозии.