Рејндерс беше еврокомесар за правда во последните пет години, а претходно од 1999 година беше последователно и без прекин министер за финансии, надворешни работи и одбрана. Рејндерс двапати беше одбиен како кандидат за генерален секретар на Советот на Европа
Поранешниот еврокомесар Дидие Рејндерс е под истрага поради сомнение за перење пари, објавија белгиските медиуми повикувајќи се на соопштение на обвинителството. Вчера бил претресен домот на Рејндерс, два дена откако тој ја напушти Европската комисија.
Како што пишуваат медиумите, поранешниот еврокомесар бил сослушан во полиција, но не можел да биде приведен бидејќи бил под истрага за можни злосторства за време на неговите години поминати во ЕК и во белгиската влада. Се појаснува дека во таква истрага треба да важи имунитетот што тој го имал тогаш.
Според податоците, откриени се сомнителни дејствија кои можеби довеле до акумулација на значителна сума пари. Рејндерс е осомничен дека купувал електронски билети – ваучери во вредност од 1 до 100 евра кои можеле да се префрлат на сметката на Националната лотарија. Од таа сметка на лотарија – како и со готовина – Рејндерс наводно учествувал во игри на лотарија и ги префрлал легалните добивки на неговата приватна сметка, пишува „Фолоу д мани“.
Портпаролот на Европската комисија информира дека белгиските власти досега не барале одземање на имунитетот на Рејндерс ниту, пак, ги пребарале неговите работни простории.
Еврокомесарите имаат функционален имунитет – при вршење дејствија во службено својство, а оваа заштита се зачувува и по нивното напуштање на институцијата, појасни портпаролот. Тој додаде дека имунитетот може да се отстрани со одлука на ЕК.
Портпаролот прецизираше дека поранешните еврокомесари добиваат привремен надоместок по напуштањето на комисијата или пензија доколку се на возраст за пензионирање, како што е случајот со Рејндерс.
„Доколку белгиските власти не бараат, ќе соработуваме, засега немаме коментар“,
рече тој.
Рејндерс беше еврокомесар за правда во последните пет години, а претходно од 1999 година беше последователно и без прекин министер за финансии, надворешни работи и одбрана. Рејндерс двапати беше одбиен како кандидат за генерален секретар на Советот на Европа.
Рејндерс со децении е на врвот на белгиската политика. Тој беше белгиски министер за финансии од 1999 до 2011 година и министер за надворешни работи до 2019 година.
Оваа истрага може да значи крај на политичката кариера на Рејндерс. Тој е осомничен дека со години перел пари преку Националната лотарија, организацијата за која бил одговорен од 2007 до 2011 година.
