Предлогот за избор на Бесими беше поднесен од членот на Советот, Зорица Павловиќ, и беше поддржан со осум гласа „за“ од вкупно 11 члена. При гласањето имаше три неважечки ливчиња
Башким Бесими е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители (СЈОРМ), одлучи Советот на денешната седница. Бесими досега ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Советот. За нов заменик-претседател на негов предлог е избрана Маријана Илиевска.

Изборот на претседател на Советот на јавни обвинители, како што налага законот, беше спроведен со тајно гласање, како на непосредни избори, со параван и гласачка кутија.
Предлогот за избор на Бесими беше поднесен од членот на Советот, Зорица Павловиќ, и беше поддржан со осум гласа „за“ од вкупно 11 члена. При гласањето имаше три неважечки ливчиња.
„Фала на поддршката, и тие што не гласале ќе бидат со мене, заедно ќе работиме. Како второ, сакам да ѝ се заблагодарам на досегашната претседателка, додека го водеше Советот заеднички се боревме сите и понатаму ќе се бориме заеднички и ќе излеземе на добри патишта“,
рече Бесими по изборот.
За заменик-претседател на Советот, тој ја предложи членката Маријана Илиевска, а предлогот беше едногласно поддржан.

Изборот следува по престанокот на функцијата на претходната претседателка, Душица Димитриеска, поради истекување на мандатот на 1 октомври годинава. Ова беше констатирано на 28. седница на Советот одржана на 30 септември. Тогаш изборот на нов претседател беше одложен поради одржувањето на локалните избори.
Членовите на Советот на јавните обвинители тогаш едногласно донесоа одлука изборот за претседател на Советот да се одложи по локалните избори, а со ова тело дотогаш да раководи актуелниот заменик-претседател Башким Бесими, кој денеска беше избран за претседател.
Инаку, на почетокот на денешната седница членот на Советот, Ардијан Демири, при утврдување на дневниот ред, побара одложување на одлуката за избор поради реформските закони кои се во собраниска процедура, пред сѐ поради новиот закон за јавни обвинители, кој се очекува да биде донесен до крајот на декември.
Демири истакна дека 20 дена не би играле улога за избор на претседател на Советот и дека донесувањето на новиот закон би им овозможило на членовите од редовите на Собранието рамноправно со другите колеги да кандидираат и да бидат предложени и избрани за претседатели на Советот.
Сепак, неговиот предлог доби поддршка од само четворица члена, со што не беше усвоен.

Што се однесува до Башким Бесими, кој во наредените две години ќе раководи со Советот, за член е избран на почетокот на април 2024 година. За заменик-претседател е избран на 17 јули истата година.
Од неговата биографија објавена на веб-страницата на Советот може да се прочита дека дипломирал на Правниот факултет во Приштина во 1991 година, а правосуден испит положил во 2001 година.
Во март 2011 година се здобил со звањето магистер од областа компаративна јавна администрација на Европската Унија, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Инаку, магистерскиот труд му бил со наслов „Функционирање на судскиот систем во Република Македонија“.
