Министерката за финансии вели дека во Владата се задоволни од реализацијата на проектот со „Бехтел и Енка“ и дека лани на автопатите се работело со побрзо темпо од очекуваното
Во однос на вкупна реализација на капиталните расходи, која е само две-третини од проектираното за минатата година, Димитриеска-Кочоска вели оти праксата покажува дека реализацијата цело време се движи во една иста линија – што најверојатно е поврзано со капацитетот

За изградба на автопатите од „Бехтел и Енка“ државата до Нова година потрошила вкупно 28 милијарди и 400 милиони денари (што е околу 460 милиони евра н.з.), кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Таа вели дека на конзорциумот му плаќаат по сработено, односно во зависност од реализацијата на терен.
Договорот што Владата го потпиша со „Бехтел и Енка“ е доверлив и во него немаат увид во Министерството за финансии, вели Димитриеска-Кочоска, но според фактурирањето, таа заклучува дека досега државата не плаќала пенали.
„360 Степени“: Имате ли сознание дали досега како држава сме платиле пенали на „Бехтел и Енка“?
Димитриеска-Кочоска: Не. Немаме сознание. Меѓутоа, бидејќи не сме виделе некои фактури поразлични од она што значи реализација, значи досега немало некоја исплата, барем во периодот на оваа влада за некакви пенали.
„360 Степени“: Во Владата задоволни ли сте од темпото, од динамиката со којашто се одвива тој проект?
Димитриеска-Кочоска: Да. Засега да. Претпоставувам, сега јас можам да кажам од гледна точка на министер за финансии којшто гледа дека, еве за минатата година се правеше уште една пренамена, се дополнуваа средства затоа што не беа доволни – реализацијата одеше со побрзо темпо од тоа што беше очекувано, што го очекувавме ние. Е сега, ова е прашање што треба да се упати можеби до министерот за транспорт затоа што тој има најмногу детали околу овој проект и може најмногу да каже дали е или не е задоволен во целост.
Во однос на вкупна реализација на капиталните инвестиции во земјава, која е само две-третини од проектираното за минатата година, Димитриеска-Кочоска вели оти праксата покажува дека реализацијата цело време се движи во една иста линија – што најверојатно е поврзано со капацитетот.
Димитриеска-Кочоска: Сметам дека проблемот е, од една страна со работната сила и она што приватниот сектор не може да го дообезбеди за да има поголема реализација и капацитетот, нели, на секоја од институциите – сега некаде повеќе, некаде помалку, не е во сите институции исто, но не се на исто ниво во делот на реализација на капиталните расходи. И тоа е дефинитивно нешто што праксата го покажува години наназад. Ако погледнете Вие во 2023 г., ќе речете 43 милијарди денари – браво, каква реализација! Ама што се случи тогаш? Огромно плаќање, авансно, кон „Бехтел и Енка“. Имавме некаква реализација на терен? Не. Тоа не го подобри ниту бруто домашниот производ, ниту индикаторот за градежништво, ништо не подобри. Имаше едно авансно плаќање.
„360 Степени“: Добро, сега тоа сега Вас Ви го расте БДП-то.
Димитриеска-Кочоска: Не, тоа апсолутно е некое авансно плаќање коешто ќе остане за крајот. Ние сега за сè што се реализира, плаќаме. Значи, не се случува сега ние да користиме делови од тој аванс. Ние сè што е сработено на терен се плаќа. Тој аванс најверојатно ќе се расчистува некаде на крајот. Независно, суштината е дека мора да ги гледаме реализациите. И новата методологија тоа покажа. Дека во претходните години кога се евидентирале по 28 милијарди денари реализација или 43 милијарди, како сакате гледајте, во 2023, тоа е само вештачка една слика, нереална слика за тоа каква е реализацијата на капиталните расходи.
