Владата го прифати и барањето да се дозволи организирање и учество на спортски натпревари во сите категории, пионери, младинци и кадети, без приложен сертификат за вакцинација, но останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата односно над 12-годишна возраст
Комисијата за заразни облести ѝ предложила на Владата да се дополнат дел од протоколите за заштита од ширење на ковид кои се однесуваат за одржување културни настани на затворено. Како што информира владината прес-служба, на денешната седница Владата донесе заклучок да се воведе условот за присуство на културни настани на затворени, посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против ковид-19.
Овој заклучок се однесува на настани како театри, кина, филхармонија и други, а воедно зголемува и присуството на публика до 50 отсто од капацитетот на салата, наместо досегашните 30 отсто.
„Во врска со овој протокол, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против ковид-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување на ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките“,
велат од владината прес-служба.
На оваа седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести да се прифати барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортски во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 годишна возраст натаму.