На денешната седница Владата го дополни Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, и од утре протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ територијата на нашата земја.
Од Владата посочуваат дека останува одредбата во протоколот која пропишува дека транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.
Досегашниот протокол предвидуваше влезот и излезот да бидат само преку гранични премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродромот во Скопје.
