На три дена пред распуштање на парламентот, СДСМ и ДУИ си испраќаат пораки кои го доведуваат во прашање политичкиот договор за вонредни избори на 12 април
За денеска во 11 часот во Собранието е закажано продолжението на седницата за предлог-законот за јавно обвинителство и за предлог-измените на Законот за Советот на јавни обвинители.
Токму носењето на законите кои се на дневен ред на оваа седница ноќеска предизвикаа бурни реакции во редовите на политичките партии што, пак, во јавноста остави впечаток дека на само три дена пред распуштање на Собранието и на околу два месеца пред изборите е разнишана владината коалиција, со оглед на најавите за можно формирање ново парламентарно мнозинство.
Седницата за законот за ЈО, по многу одолговлекувае, почна доцна вечерта, но по само петнаесетина минути спикерот Талат Џафери ја одложи. Тој, пред да соопшти дека ја презакажува седницата, рече дека цел ден добивал пораки од пратениците дека се уморни, но и пораки преку Фејсбук во врска со законот за ЈО.

„Сè додека примам пораки дека има можност да се создаде друго мнозинство кое ќе биде поуспешно, јавно ги повикувам партиските лидери, доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство, јавно ќе организирам, на моја покана, во текот на утрешниот ден да имаме лидерска средба, согласно пржинскиот договор, согласно договорот за предвремените избори од 12 април, да потврдиме дека има желба да се одржат изборите на 12 април“,
рече Џафери.
Претходница на ваквата изјава беше изјавата на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој им порача на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ дека, ако ги кочат процесите, може да не дојде до распуштање на парламентот и да пропаднат вонредните избори.

„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори. Државата нема да биде заложник на партиски и криминални интереси. Правната држава и европската иднина се приоритет на граѓаните и за тоа ќе се бориме до последниот атом“,
напиша Николовски на Фејсбук.
Пораките преку Фејсбук, рече Џафери пред да ја прекине седницата синоќа, „сметам дека не се ниту на ниво ниту потребни.“
Потегот на Џафери, пак, го разлути пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири.

„Талат и ДУИ уште еднаш го покажаа нивното вистинско криминално лице заедно со нивните побратими од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ И ВМРО-ДПМНЕ ја обновија нивната криминална коалиција и коалиција на тесните интереси на одредени кругови во нивните редови. СРАМОТА!“,
порача Зекири во својата реакција на социјалните мрежи.
Од редовите на ДУИ, пак, испратија порака дека политичката неизвесност не е добра за државата, како и дека тие ќе ги поддржат законите.

„ДУИ целосно ги поддржува законите за јавно обвинителство, совет на јавни обвинители, за одбрана, изборниот законик со корекција на изборните единици како и Преспанскиот, Охридскиот и добрососедскиот договор. Ние сме убедени дека законите и одлуките ќе се донесат пред распуштање на Собранието. Предвремените избори беа консензуално договорени кај претседателот Пендаровски и политичката непредвидливост од која било страна е несериозна и неодржлива за нашата земја“,
порача Груби.
Изјавата на Николовски за можно ново мнозинство и „суспендирање“ на вонредните избори го затекнаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски среде емисија на ТВ „Алфа“ . Тој реагираше дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му ја напишал изјавата на Николовски.

„Не би го коментирал овој господин. Мислам дека текстот е напишан од неговиот претседател. Срамот е огромен и се бара начин луѓето да се скријат од одговорност. Јасна е намерата на Заев по која било цена да ги одложи изборите или на насилен начин со пазар. Ова е знак на нервоза. Да видиме како ќе се одвиваат работите и ќе имаме соодветен одговор“,
рече Мицкоски.
Сепак, тој посочи дека е убеден оти ќе има избори на 12 април, а ако до недела не се распушти Собранието, порача дека ќе има политичка криза.
Кога станува збор за распуштањето на законодавниот дом, Џафери и покрај тоа што побара да го известат дали има некое ново парламентарно мнозинство, закажа седница. Таа, според распоредот, треба да се одржи во недела напладне.
За денеска, покрај продолжението на седницата за законите за обвинителство, спикерот закажа уште една – за предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
* Поврзана вест: Спасовски: Мора да се донесат законите за кои сме договорени, потоа да се распушти Собранието