Од донаторскиот фонд велат дека до сега, од поставената кампања на интернет платформата за групно донирање „Оп-оп“ се прибрани 119 000 денари од граѓаните, или околу 2 000 евра
Донаторскиот фонд на Конект започна со прибирање на донации од граѓани и бизниси за засегнатите граѓани од пожарот во дискотеката во Кочани во кој животот го загубија 59 лица, а околу 160 лица се здобија со повреди. Оттаму велат дека во овој период, потребно е да се покаже солидарност и да се даде помош и поддршка на семејствата на оние кои загинаа, и за семејствата на повредените лиц а и оти во зависност од големината на прибраните донации и анализата на потребите, понатаму ќе се димензионира и обемот на поддршка што ќе се реализира во соработка со локални граѓански организации.

Дополнително, се вели дека до сега се собрани 119 000 денари на интернет платформата за групно донирање „Оп-оп“ и оти собраните средства ќе бидат наменети за итните потреби за кои нема тековни изворни на финансирање како лекување, правна помош, патувања и слично, но и за психо-социјална поддршка од стручни лица за справување со траумата од настанот.
„Ќе бидат потребни многу ресурси, време и соработка на сите чинители за да се лекуваат последиците на оваа колективна траума. Граѓанските организации имаат важна улога во ублажување на последиците кои дополнително ќе се почувствуваат. Ги повикуваме граѓаните и компаниите солидарноста да ја покажат на дело и да донираат.“
изјави програмскиот директор во Конект организацијата, Виктор Мирчевски.
Од организацијата Конект велат дека сите заинтересирани граѓани може да донираат директно преку онлајн платформата, да се јават на телефонскиот број 02 3224198 или пак да се обратат на електронската пошта [email protected]. Инаку, донаторскиот фонд на Конект е механизам кој има капацитет да отвора и следи грантова поддршка во поголем обем за полезната работа на граѓанските организации на терен.