Учениците ќе можат преку практична настава да го надградат своето образование и понатаму или да продолжат да се дообразуваат на факултетите или директно да се вклучат во процесот на производство
Од идната учебна година се отвораат 97 дуални паралелки во средните стручни училишта низ државата
Повеќе домашни компании од енергетиката и електротехничката индустрија од септември почнуваат со прием на ученици на пракса од средното училиште „Михајло Пупин“ од Скопје. Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека оваа компанија се вклучува во дуалното образование преку договор за соработка, со две паралелки од училиштето од насоките електротехничар-автоматичар и електромеханичар.
„Овој проект е од исклучителна важност за државата, за образованието, за нас компаниите, но најважно за учениците, кои покрај теоретското знаење во училишните клупи, ќе можат преку практична настава во центрите кои ќе ги обучиме по најсовремени европски и светски стандарди, да го надградат своето образование, затоа што понатаму ќе треба да продолжат и да се дообразуваат на факултетите или директно да се вклучат во процесот на производство“,
изјави Ковачевски.
Средното училиште „Михајло Пупин“ е едно од првите кои воведе дуално образование преку соработка со ЕВН, но од оваа учебна година го зголемува обемот на соработка и со повеќе домашни компании кои се обврзуваат да ги примат на работа учениците кои ќе посетуваат пракса кај нив.
„Со ова денес стануваме носител на дуалното образование и на сите ученици кои ќе се запишат од оваа учебна година веднаш ќе има биде загарантирано вработување во компаниите поддржувачи. Родителите треба што повеќе да размислуваат да ги запишуваат децата во стручно образование за да имаат перспектива. Овие профили кои ние ги нудиме како училиште се иднината и во државата и надвор“,
изјави директорот на СЕТУ „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев.
Од идната учебна година се отвораат 97 дуални паралелки во средните стручни училишта низ државата, а од Министерството за образование најавија дека се предвидени стипендии од по 3 500 денари месечно за околу 2 000 ученици кои од септември ќе се запишат во дуалните паралелки.
Дуалното образование досега се спроведуваше во десетина училишта со неколку странски компании, а според најавите од МОН, се подготвува нов закон за стручно образование со кој дуалното ќе се воведе како системско решение на национално ниво.
