Набљудувачката мисија на ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права ќе биде во состав од седум члена
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница донесе одлука со која на неколку домашни и меѓународни организации им одобри акредитации за набљудување на изборниот процес од овогодинешните локални избори чиј прв круг ќе се одржи на 19 октомври.

На Амбасадата на Кралството на Холандија ѝ се одобрени 10 набљудувачи, Националниот совет за родова рамноправност ќе ги следи изборите со осум набљудувачи, за Институтот за соработка и развој – Франција е обезбеден еден набљудувач, а текот на изборите ќе го следи и седумчлен тим од Меѓународната фондација за изборни системи Вашингтон од подружницата во С Македонија.
Набљудувачката мисија на ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права ќе биде во состав од седум члена. Акредитација за следење на изборниот процес ДИК му одобри и на Здружението Планинарски спортски клуб „Кап-Струга“ од Струга и неговиот деветчлен набљудувачки тим.
„Врз овие овластувања ќе бидат издадени беџови кои на акредитираните набљудувачи ќе им послужат како идентификација. Секој овластен акредитиран набљудувач мора да го почитува кодексот за правила за набљудување на изборите и изборната постапка донесена од ДИК“,
истакна членката на ДИК, Светлана Карапетрова.