Во моментов во фаза на завршна подготовка е најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија од осамостојувањето до денес и сигурно е дека ќе се воведат блок тарифи, најави денеска првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, кој додаде дека без разлика дали ќе се воведат три или четири блок тарифи, сигурно е дека тие нема да важат за евтината струја
Просечна потрошувачка на домаќинство во државата на месечно ниво изнесува 410 киловат часови, истакна Бислимоски и прецизира дека 53 проценти од потрошувачката на електрична енергија се во скапа, а 47 проценти се во евтина тарифа
Оние домаќинства што повеќе трошат ќе плаќаат поскапа цена на електричната енергија, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
Тој на денешната прес-конференција истакна дека во моментов во фаза на завршна подготовка е, како што рече, најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија од осамостојувањето до денес и сигурно е дека ќе се воведат блок тарифи. Тој истакна оти во тек се последните анализи во координација со Електротехничкиот и Машинскиот факултет, а дека без разлика дали ќе се воведат три или четири блок тарифи, сигурно е дека тие нема да важат за евтината струја.
„За евтина тарифа потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови, а за највисокиот блок цената за домаќинствата ќе биде многу блиску до пазарната. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ние ќе бидеме прва таква земја која што ќе примени блокови само за скапа тарифа, бидејќи сметаме дека евтината тарифа треба да остане без никакви ограничувања и домаќинствата да ја користат, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем имајќи во предвид дека во одредени периоди од годината во ноќните часови заради термо производството на регулираниот пазар имаме и вишоци на електрична енергија“,
рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи оти 17 семејства во државата трошат 10 отсто од вкупната потрошувачка на домаќинствата и додаде дека се стопроцентни плаќачи кои немаат никаков проблем со покривањето на трошоците за електрична енергија.
„Тоа е околу 330 милиони киловат часови или тоа е приближно 30 проценти од домашното производство од хидроелектраните во сопственост на ЕСМ. Седумнаесет домаќинства трошат 30 проценти од хидропроизводството. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната“,
посочи Бислимоски.
Бислимоски прецизира дека ќе се воведе опција со три или четири тарифни блока, со цел, како што посочи, да имаат поголем опфат на граѓаните што се со минимална потрошувачка, а да се опфатат и што е можно повеќе ранливи категории на потрошувачи и домаќинства што немаат друга опција на греење освен електричната енергија.
Според анализите на РКЕ, како што посочи Бислимоски, во државата има околу 660 илјади домаќинства, а од нив, додаде, најбројни се домаќинствата чија потрошувачка на струја е од 0 до 100 киловат часови, односно вкупно 21,49 проценти од домаќинствата.
„Од 100 до 200 киловат часови имаме 14,4 проценти, од 200 до 300 киловат часови имаме 14,86 проценти, од 300 до 400 имаме 12,78 проценти, од 400 до 500 имаме 9,68 проценти, од 500 до 1000 има 19,81 процент и над 1000 киловат часови е приближно 7 проценти. Просечна потрошувачка на домаќинство во државата на месечно ниво изнесува 410 киловат часови“,
истакна Бислимоски и прецизира дека 53 проценти од потрошувачката на електрична енергија се во скапа, а 47 проценти се во евтина тарифа.
За оние потрошувачи чии домови се празни и немаат воопшто потрошувачка на електрична енергија, како што кажа, се размислува да се воведе одреден паушал бидејќи електричната енергија во секој момент им е достапна.