„Кои се механизмите за надзор над потенцијалната злоупотреба на овие средства зголемени за 30% на три недели пред објавувањето на локалните избори? Дали веќе се знае кои невладини (нечии миленици) ќе ги добијат тие средства?“, прашуваат од Демократска обнова на Македонија
Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) упати остри критики до владејачкото мнозинство, но и до коалициските партии од претходната влада, сега во опозиција, поради, како што велат, сè поопасната пракса од една страна да доделуваат милиони евра на невладини организации, а од друга да ги блокираат демократските механизми за учество на независни кандидати на претстојните локални избори.

Во таа насока, од партијата велат дека со усвојувањето на ребалансот на буџетот за 2025 година се зголемени трансферите кон невладиниот сектор од 26,7 на 34,4 милиони евра, додека во исто време големите политички актери не покажуваат никаква волја за измена на Изборниот закон.
За потсетување, во март лани беа донесени измени на Изборниот законик, со кој се зголеми прагот на потребни потписи за независните кандидати за учество на изборите. Една година подоцна, односно во март годинава Уставниот суд го укина ова законско решение, а оттогаш не е донесено ново.
„Поддршката за граѓанските организации е важна и потребна, но добива сенка на партиска инструментализација кога се користи како параван за прикривање на партиципативната демократија. Во исто време кога се зголемуваат средствата за невладиниот сектор, граѓаните и граѓанките системски се блокирани да учествуваат како независни политички субјекти. Згора на тоа: кои се механизмите за надзор над потенцијалната злоупотреба на овие средства зголемени за 30% на три недели пред објавувањето на локалните избори? Дали веќе се знае кои невладини (нечии миленици) ќе ги добијат тие средства?“,
прашуваат од ДОМ.
Оттаму велат дека остро се спротивставуваат на ваквата пракса и уште еднаш упатуваат јавно барање веднаш да се почне постапка за измена на Изборниот закон и да се обезбеди еднаква, фер и демократска можност за учество на независни и граѓански листи на локалните избори во 2025 година.
„И да не се лажеме: партиските мастадонти ќе си формираат свои прокси политички субјекти во очи локалните избори и ќе си ‘туркаат’ со своите миленици, и од тие причини веќе знаеме кој ќе биде одговорот на нашето барање… за жал!“,
велат од Демократска обнова на Македонија.
Вчера, граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ), која е единствената советничка група во Советот на Град Скопје што не припаѓа на ниту една партија, најави дека ќе прерасне во партија како единствен начин за учество на независните на локалните избори.
Со идентична најава дека ќе се обединат во партиска платформа денеска излегоа и од „Шанса за Центар“, „Независни За Карпош – За заштита на Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“, од каде велат дека се отворени за идејата кон субјектот да се приклучат и други граѓански активисти и иницијативи од целата држава.