Прашана дали верува оти барањата на ДОМ ќе бидат реализирани за 100 дена, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, одговори дека тие можеби нема целосно да бидат завршени, но дека може да се обезбеди законска рамка во насока на спроведување на ветингот, што е едно од барањата со кои оваа партија ја услови поддршката на владината реконструкција
Демократската обнова на Македонија (ДОМ) ќе ја напушти владината коалиција и ќе замине во опозиција ако до јуни, односно во првите 100 дена на реконструираната Влада, не почнат да се реализираат условите што оваа партија неодамна ги претстави кога најави дека ќе ја поддржи реконструкцијата.
Ова го најави претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, во вечерашната „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Говорејќи за ова, Морачанин рече оти е јасно дека во првите 100 дена проблемот со корупцијата во државата нема да биде комплетно решен, но, како што нагласи, може да отпочне процесот на широк ветинг – и за политичарите и за судиите и за обвинителите.
Едно од барањата што ДОМ ги постави како услов за поддршка на Владата и на парламентарното мнозинство е во првите 100 дена да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекнатиот имот заради ефикасна борба против корупцијата.
„Ние сакаме радикално системско решение затоа што состојбата во правосудството, па и во политиката, е таква што е неопходно да се направи ветинг за да останат оние луѓе кои се со интегритет, чесни и професионалци. Тоа е нашата цел. Апсолутно не очекуваме да заврши процесот, но еднаш да влеземе во тој процес и да не се предомислуваме дали да се спроведува или не. Тоа е нашата идеја за навистина да имаме ефикасна борба против корупцијата затоа што сите спорадични мерки против корупцијата не помагаат“,
изјави претседателката на ДОМ во гостувањето на ТВ Сител.
Од апсолутна важност, додаде Морачанин, е и конфискацијата на нелегално стекнат имот кој е потребно да се врати назад во буџетот, односно кај граѓаните.
Прашана дали верува оти барањата на ДОМ ќе бидат реализирани за 100 дена, Морачанин нагласи дека тие можеби нема целосно да бидат завршени, но дека може да се обезбеди законска рамка во насока на спроведување на ветингот, оти, како што вели, кај многу партии има барем декларативна волја за отпочнување на овој процес. Ветингот, како што рече претседателката на ДОМ, би сакале да биде мониториран од експерти од Европската Унија со цел поголема доверба во неговото спроведување.
Освен отпочнување на процесот на ветинг како предуслов за поддршка на владината реконструкција, ДОМ има уште два услова – продолжување на собраниската процедура за измени на Изборниот законик за воведување една изборна единица, како и интензивирање на користењето на обновливи извори на енергија преку формирање енергетски задруги.