Од Демократска обнова на Македонија повикуваат на, како што велат, итно повлекување на оваа идеја и отворање на сериозна јавна дебата за правичен и недискриминаторски пристап кон демографските политики, додавајќи дека како партија се длабоко увередени дека општеството не се гради со казни, туку со поддршка, еднаквост и почитување на човековото достоинство

Не запираат реакциите по денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата.
Сериозна загриженост за ваквите најави од премиерот попладнево изразија од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), оценувајќи ја мерката како недозволив и опасен преседан кој директно ги повредува темелите на уставниот поредок, човековите слободи и начелата на еднаквост.
„Во Македонија, Уставот во член 9 гарантира дека сите граѓани и граѓанки се еднакви пред Уставот и законите, без оглед на нивниот личен статус. Воведување даночен товар врз основа на брачен статус е директна дискриминација и грубо кршење на ова уставно начело“,
се вели во соопштението од ДОМ.
Дополнително, како што велат од партијата, ваквата мерка е во спротивност со Европската конвенција за човекови права, конкретно со членот 8 кој го гарантира правото на почитување на приватниот и семејниот живот, како и членот 14, кој забранува дискриминација при уживање на правата и слободите утврдени со Конвенцијата.
Осврнувајќи се на доменот на фискалната политика, оттаму велат дека предлогот е и протви основните начела на даночната правда, односно на правичноста, неутралноста и еднаквиот третман на даночните обврзници.
„Даночниот систем не смее да се користи како алатка за морална или социјална санкција, туку како инструмент за праведна распределба на товарот и за создавање еднакви можности“,
велат од партијата.
Во таа насока, од Демократска обнова на Македонија повикуваат на, како што велат, итно повлекување на оваа идеја и отворање на сериозна јавна дебата за правичен и недискриминаторски пристап кон демографските политики, додавајќи дека како партија се длабоко увередени дека општеството не се гради со казни, туку со поддршка, еднаквост и почитување на човековото достоинство.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, говорејќи на дебата посветена на демографските предизвици во земјава и намалениот наталитет од година вo година, рече дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата.
„Нашата борба е да го направиме животот овде вреден, да го направиме мајчинството благослов, а не товар. Да им дадеме на младите причина да останат, да изградиме инстуции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат. Да изградиме држава во која надежта е побитна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение, но има намерна, постојана државничка борба, и ние ја почнавме. Секоја мерка, инвестиција, политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата и тука сериозно размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети“,
рече Мицкоски.

Остра осуда на изјавата на премиерот дојде од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде оценуваат дека потенцијалната мерка не само што би била ретроградна, туку и дискриминаторска бидејќи, пред сè, ги крши човековите права – на избор, на приватен и семеен живот, правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз идејата ја оцени како длабоко погрешна и конзервативна, додавајќи дека, ваквите, како што наведоа, недемократски мерки, немаат место ниту во земјите од третиот свет, а не, пак, во демократски држави за каква се смета Македонија.
Според СДСМ, на овој начин премиерот потврдува дека нема допир со реалноста и не ги разбира граѓаните и нивните проблеми, не ги разбира младите, луѓето што живеат сами и семејствата што едвај врзуваат крај со крај.