„Во однос на медиумскиот интерес за објавени делови, наводно од реферат од Законот за употребата на јазиците, Уставниот суд информира дека поради тајноста на постапувањето по предметот кој е во претходна постапка, нема да ги коментира медиумските објави, ниту нивната веродостојност”, пишува во соопштението
„360 степени“ денеска објави дека во рефератот на судијата известител за предметот во кој се споени 13 иницијативи поднесени во врска со Законот за употреба на јазиците, се предлага да НЕ се поведе постапка за оценување на неговата уставност (за законот во целина). Се отфрла и времена мерка за стопирање на спроведувањето на законот. Конкретни одредби за кои се предлага оценка на уставноста се речиси истите за кои доуредување препорача и Венецијанската комисија
„Уставниот суд нема да ги коментира медиумските објави, ниту нивната веродостојност“. Ова вечерва го соопштија од Уставен, откако „360 степени“ објави делови од рефератот на судијата известител во врска со Законот за употреба на јазиците кој стапи во сила во 2019 година, а за кој ќе се одлучува в среда.

Образложението од Уставен за соопштението е медиумскиот интерес за објавениот текст на „360 степени“. Веднаш да напоменеме дека нашата редакција не бараше коментар од Уставен, туку оттаму, како што може индиректно да се заклучи од контекстот на соопштението, веројатно се огласија по барање на други медиуми.
Имено, краткото соопштение, кое е објавено на веб-страницата на Судот, во целост гласи:
„Во однос на медиумскиот интерес за објавени делови, наводно од реферат од Законот за употребата на јазиците, Уставниот суд информира дека поради тајноста на постапувањето по предметот кој е во претходна постапка, нема да ги коментира медиумските објави, ниту нивната веродостојност. Уставниот суд апелира на воздржаност од ширење на информации кои може да наштетат на самата постапката особено во период пред Судот да расправа и да одлучува по предметот.“
Иако во него од Уставен користат термини како „наводно“ и „веродостојност“, оттаму во ниту еден дел не ги демантираат наводите објавени во текстот на „360 степени“.
Дека судијата известител кој го подготвил рефератот по вкупно 13 поднесени иницијативи во врска со Законот за употреба на јазиците препорачува: „Судот да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците“.

Во рефератот на судијата известител, кој ќе се најде пред уставните судии в среда, а во кој „360 степени“ имаше увид, не само што не се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на Законот во целина, туку се аргументира дека тој е втемелен во Уставот.
„Содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандамнот V на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите“,
пишува во рефератот.
И не само тоа. Туку нема да се запре ниту спроведувањето на законот со носење т.н. времена мерка.
Дополнително, се предлага Судот да ги отфрли и иницијативите коишто го оспоруваат указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. За потсетување, тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов не го потпиша указот, и покрај тоа што Уставот не му го дава тоа право, откако еден закон и во повторена постапка ќе добие мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието. Па, законот беше објавен во „Службен весник“ и стапи во сила без негов потпис.
Сето ова упатува на заклучок дека по седницата на Уставниот суд в среда, во практика, нема да се смени ништо.
Тоа што не се носи времена мерка за запирање на извршувањето и што нема да се оценува уставноста на законот во целина, не значи и дека нема одредби или делови од одредби за кои може да се поведе постапка за оценување на уставноста. Од вкупно 13 иницијативи колку што се поднесени до Уставниот суд, а кои се групирани во еден предмет, во рефератот на судијата известител се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на неколку делови од членови на Законот.

Најголем број од тие спорни делови од членови се однесуваат на употребени формулации, односно на нивната непрецизност. Така, во рефератот се забележува дека иако во членовите од Законот за употреба на јазиците се набројуваат институциите што треба да обезбедат поголеми јазични права, на неколку места дополнително се користат непрецизни формулации.
Уставниот суд не ја спори ниту намерата на законодавецот да ја прошири употребата на другите јазици освен македонскиот. Но, имајќи го предвид Уставот, судијата известител укажува на несоодветна употреба на изразот „албански јазик“, и тоа во заграда на две места во Законот.
Имено, во членот 1, став 2 од Законот, пишува „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик)…“. Според Уставниот суд, тоа е во спротивност со член 7, став 2 на Уставот, каде се пропишува дека „друг јазик што го зборуваат 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо“. Односно, судот смета дека со ставањето на изразот „албански јазик“ во заграда се излегува од уставната рамка.

Дополнително, спорно е што во членот 18, став 3, во делот за Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, се предвидува дека се вработуваат лингвисти и филолози по албански јазик. Во рефератот се аргументира дека законот:
„Ги става во привилегирана положба филолозите по албански јазик во однос на дипломираните филолози по другите јазици, односно вака формулираната норма е непрецизна и спротивна на темелните редности на уставниот поредок, односно на владеењето на правото“.
Сумирано, во овој дел, во рефератот не се предлага укинување на Агенцијата или укинување на права предвидени во Законот. Се бара прецизен реченик, кој е во согласност со Уставот и правото.
Единствените конкретни одредби, односно ставови од членови од Законот за употреба за јазиците за кои се предлага да се поведе постапка се поврзани со парите и со кривичната постапка.
Имено, членот 8 има три става. Во првиот се предвидува на парите да има симболи што го претставуваат културното наследство и на граѓаните што зборуваат јазик различен од македонскиот, а се најмалку 20%. Во вториот став се предвидуваат двојазични уплатници, фактури, поштенски марки и други документи, а во третиот – двојазични униформи за полицијата и други служби во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот.
Во рефератот не се спорат ниту двојазичните униформи, ниту двојазичните документи, но се спорат парите. Зошто? Накратко, затоа што законот се однесува на употреба на јазик, а не на употреба на симболи.
Во членот 9, пак, во неколку става, со Законот за употреба на јазиците се предвидува водење на судските постапки и на македонски и на друг јазик, доколку странка, јавен обвинител, судија или друг учесник во постапката го зборува јазикот на кој говорат најмалку 20% од граѓаните. Оваа одредба, патем, никогаш не почна да се применува во правосудството во земјава. За појаснување, не станува збор за правото на осомничено лице да добие превод на својот мајчин јазик – тоа е веќе гарантирано и со други закони. Туку за водење на постапката (од обвинител/судија) и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните паралелно со македонскиот.

Според рефератот, вака пропишаната норма нема основа ниту во Уставот ниту во Рамковниот договор, а води и кон нефункционален правосуден систем. Во аргументацијата е употребена и пракса од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
И, на крај, во рефератот се оспорува членот 23, став 5 од Законот за употреба на јазиците. Тој предвидува дека ако во рок од една година не се усогласат одредбите за јазикот во другите закони, тогаш ќе се применуваат одредбите од Законот за употреба на јазиците. Проблемот во тоа е што Законот за употреба на јазиците се носи со обично мнозинство, додека многу од законите на кои тој се однесува, како на пример, оние за судството, се системски закони кои се носат со двотретинско мнозинство. Или, не може „обичен“ закон да уредува материја во „системски“.