Иако известувањето од Кедев е примено во МЗ пред осум дена, од Министерството за здравство денеска соопштија дека „до министерот за здравство Азир Алиу досега формално не е пристигната оставка од Кедев“
Како причина за повлекувањето од здравствениот совет на МЗ, Кедев наведува оти смета дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет. Забелешките на Кедев се однесуваат на странските експерти кои се ангажирани од МЗ за да ги проверат првичните наоди на домашната комисија која од 19 анализирани случаи, во десет утврди непотребни операции на срце или непотребно упатување на операции
Известувањето за повлекување на кардиологот и академик Сашко Кедев од здравствениот совет е примено во Министерството за здравство (МЗ) на 23 јануари годинава односно пред осум дена. Ова го покажува документот до кој, преку свои извори во МЗ, дојде „360 степени“.
Претходно денеска, на наше прашање за коментар за повлекувањето на Кедев од здравствениот совет и причините што тој ги навел, од МЗ одговорија дека до министерот за здравство Азир Алиу досега формално не е пристигната оставка од Кедев.

На документот со кој Кедев го известува министерот за здравство Азир Алиу дека се повлекува од Советот на МЗ се гледа дека тој е примен и заверен со архивски печат во Министерството за здравство на 23 јануари годинава.
„Ве известувам дека се повлекувам од работата на здравствениот совет на Министерството за здравство, од причина што сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“,
пишува д-р Кедев во известувањето до министерот Алиу.
Кедев наведува и дека се надева оти „јавното здравство ќе остане приоритет во политиките на Министерството за здравство“, што може да се толкува како став на кардиологот дека Министерството се поставува заштитнички кон приватните болници кои се меѓу засегнатите во случајот со непотребно извршените операции на срце.
Со оглед на датумот на кој известувањето од д-р Кедев е примено во МЗ нејасно е зошто денеска од Министерството соопштија дека „министерот за здравство Азир Алиу досега формално не е пристигната оставка од страна на кардиологот и академик Сашко Кедев дека се повлекува од Здравствениот совет“.
За повлекувањето на д-р Кедев вчера извести ТВ Канал 5, наведувајќи дека меѓу забелешките е и тоа што во комисијата која треба да ги продолжи проверките на случаите на напотребни кардиоваскуларни операции и на непотребно упатување на операции не се ангажирани компетентни кадри. Од известувањето на д-р Кедев треба да се подразбере дека неговите резерви се однесуваат на странските експерти кои се ангажирани во втората фаза од проверките на пријавените случаи.
По откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година лично од Сашко Кедев, министерот за здравство Азир Алиу формираше 15-члена комисија, која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај.
Според наодите на комисијата, од 19 анализирани случаи, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции. Од комисијата тогаш соопштија дека имињата на инволвираните болници и доктори ќе ги соопштат откако наодите ќе ги потврдат заедно со странски експерти што ќе ги ангажира Министерството за здравство.
На прес-конференција на 19 декември минатата година министерот Алиу најави дека „следната недела” треба да се одржи првиот состанок со странските експерти што треба да бидат ангажирани за финализирање на извештајот за случајот со непотребните операции на срце.
Досега нема информации дали и како функционира оваа комисија.
Во Македонија најголем број од операциите на срце се изведуваат во приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“, а за нив плаќа државниот Фонд за здравствено осигурување.
