Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски вели дека пациентите барале Паниќ-Мирчовска да биде таму во текот на нивната рехабилитација
На барање на повредените пациенти од пожарот во Кочани, докторката Катерина Паниќ-Мирчовска е назначена за нова в.д. директорка на Општата болница со проширена дејност – Кочани. Информацијата за МИА попладнево ја потврдил заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

Андовски вели дека пациентите барале Паниќ-Мирчовска да биде таму во текот на нивната рехабилитација.
„Вчера го потпишав решението. Таа е ставена како в.д. директор на оваа установа бидејќи беше барана од пациентите за да присуствува на нивната рехабилитација, да биде таму“,
вели Андовски за МИА.
Инаку, Паниќ-Мирчовска е докторката која со одлука на ексминистерот за здравство Арбен Таравари требаше од кочанската болница да биде преместена во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, но по реакциите на пациентите повредени во пожарот, заменик-министерот за здравство ја стопира постапката за нејзино преместување.