На социјалните мрежи се објавени видеоснимки од надзорните камери од зградата, на кои се гледа како докторот излегува со својот автомобил од гаражата каде што живее, а кучето лежи на тротоарот пред неа. Тој го гази кучето, по што излегува од автомобилот и го погледнува прегазеното животно. Потоа повторно влегува во колата, уште еднаш преминува преку веќе прегазеното куче и заминува со возилото
Доктор на Воено-медицинската академија во Софија, по потекло од Македонија, со својот автомобил марка „фолксваген пасат“ прегази маалски миленик – куче, пред зградата каде што живее во населбата Расадник во бугарскиот главен град, пренесува тамошниот медиум „Телеграф“.

Настанот се случи пред неколку дена, поточно на 9 ноември годинава, а веднаш ја разбранува бугарската јавност. Таму деновиве се потпишуваат петиции и се организираат протести, со барања за најстрога казна за докторот што го прегази кучето.
На социјалните мрежи се објавени видеоснимки од надзорните камери од зградата, на кои се гледа како докторот излегува со својот автомобил од гаражата каде што живее, а кучето лежи на тротоарот пред неа. Тој го гази кучето, по што излегува од автомобилот и го погледнува прегазеното животно. Потоа повторно влегува во колата, уште еднаш преминува преку веќе прегазеното куче и заминува со возилото.
Прегазеното куче е маалски миленик, а жителите во околните згради го нарекувале Маја. Со години се грижеле за него, додавајќи дека било старо околу 12 години, како и дека било питомо и мирно. Бараат највисока казна, предвидена во Законот за суровост кон животните.
Најголем дел од коментарите на социјалните мрежи се насочени на осуда и напади на докторот што го прегази кучето, а на неговата гаража е испишано „убиец“.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, соседите на докторот изјавиле дека тој се отселил од зградата, каде што живеел во стан изнајмен под кирија.
Сепак, сè уште нема официјална потврда за шпекулациите во тамошните медиуми, дали тој е вратен во земјава, или, пак, додека трае истрагата за случајот, се соочува со привремена суспензија од докторската дејност.
Според бугарскиот Кривичен законик, доколку се докаже вина, му се заканува затворска казна до пет години за сурово постапување кон животни.
