„Европа мора да научи да биде геополитичка сила, тоа досега не беше во нашата ДНК…Но, мора да престанеме да зборуваме зад затворени врати за тоа кои се нашите задачи и да почнеме да испорачуваме резултати“, рече францускиот претседател во обраќањето до високите политички и воени претставници на Минхенската безбедносна конференција
Францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска во Минхен ја сподели својата визија за Европа како геополитичка сила што другите „големи играчи“ ќе ја почитуваат само ако е силна во одбраната, технологијата и производствоо на сè што ѝ е потребно, пренесоа светските медиуми.

„Ако сакаме да бидеме сфатени сериозно, мора да покажеме непоколеблива посветеност на одбраната на сопствените интереси“,
рече Макрон на Минхенската безбедносна конференција.
Образложувајќи го својот став, тој наведе дека патот до силна Европа започнува со континуираната поддршка за Украина, но, мора да продолжи со отфрлање на неоправданите царини и барања на европско тло, алидирајќи притоа на американските тарифи и критиките од Вашингтон што минатата година во Минхен ги изнесе потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, кој рече дека Европа ја задушува слободата на говорот и попушта пред масовната миграција.
Говорејќи во тој контекст тоје се осврна и на критичарите кои велат дека стариот континент е застарен и фрагментиран, дека неговата економија е премногу регулирана и дека општествата се жртви на „варварски миграции што ги поткопуваат неговите традиции“.
„Европа мора да научи да биде геополитичка сила, тоа досега не беше во нашата ДНК…Но, мора да престанеме да зборуваме зад затворени врати за тоа кои се нашите задачи и да почнеме да испорачуваме резултати“,
рече францускиот претседател во обраќањето до високите политички и воени претставници на Конференцијата.
Како пример за тоа што може да постигне силна и обединета Европа, тој ја посочи Украина, која, како што кажа, без европска помош не би можела да издржин во четиригодишната војна со Русија.
Францускиот претседател смета дека клучот за ставење крај на војната не е исполнување на руските барања, туку во уште посилен притисок врз Москва, која според него е економски исцрпена и целосно зависна од Кина.
„Ова е време за дрскост. Ова е време за силна Европа“,
нагласи тој, додавајќи дека „нема да има мир без Европа, бидејќи Европа е дел од решението“.
Сепак, тој предупреди дека континентот ќе мора да се справува со „агресивната“ Русија на своите граници и по војната, и затоа мора да осмисли нова безбедносна архитектура.
„Нашите безбедносни интереси мора да ги дефинираме ние, а не некој друг“,
рече Макрон.
Тој додаде дека нуклеарното одвраќање, способност што во Европа во моментов ја имаат само Франција и Велика Британија, треба да биде дел од таа безбедносна архитектура и потврди дека разговара со други европски лидери како да се прошири таа способност и во други земји на континентот.
