Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се во прекин од 27 јануари, а официјален Киев тврди дека нафтоводот, кој пренесува гориво низ украинска територија до Централна Европа, бил оштетен при напад со руски беспилотни летала
Унгарија ќе стави вето на планираниот заем од Европската Унија за Украина во висина од 90 милијарди евра, сè додека Киев не го обнови транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, порача унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, обвинувајќи ги украинските власти за уцена.

Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се во прекин од 27 јануари, а официјален Киев тврди дека нафтоводот, кој пренесува гориво низ украинска територија до Централна Европа, бил оштетен при напад со руски беспилотни летала. Сепак, Будимпешта и Братислава, на кои им е обезбедено привремено ослободување од европското ембарго за увоз на руска нафта се сомневаат во оваа верзија и го обвинуваат Киев за намерно попречување на испораките. Преку видео-обраќање на социјалните мрежи, шефот на унгарската дипломатија порача дека неговата влада ќе го блокира огромниот бескаматен заем, кој беше договорен во декември со цел да ги покрие воените и економските потреби на Украина во следните две години.
„Нема да се потчиниме на овој притисок. Ние не ја поддржуваме војната на Украина и нема да ја финансираме. Додека Украина го спречува продолжувањето на испораките на нафта за Унгарија, ќе ги блокираме одлуките на Европската Унија кои се важни и корисни за Киев“,
рече Сијарто.
Одлуката на Будимпешта да го блокира клучното европско финансирање доаѓа само два дена откако Унгарија, како контрамерка, ги суспендираше своите испораки на дизел за Украина, а дипломатската и енергетска тензија се случува на само неколку дена пред четвртата годишнина од почетокот на целосната руска инвазија.
Инаку, макрофинансиската помош од 90 милијарди евра првично наиде на отпор и кај Словачка и Чешка. Овие две земји, сепак, на крајот се согласија да не го блокираат пакетот откако добија гаранции за заштита од можни финансиски последици.
