Други, како што се нарекуваат дезинформациски канали, откриени во анализата на социјалните мрежи се интернет-порталот Инфомакс.мк, и профилите на социјалните мрежи на Миленко Неделковски и на експремиерот Никола Груевски
Во студија изработена од Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија по нарачка на Европскиот парламент. профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се наоѓа меѓу профилите на личности кои се сметаат за извори на дезинформации, објави Дојче веле.

Во студијата насловена како „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“, објавена на интернет-страницата на ЕП конкретно се наведуваат медиумите финансирани од унгарски бизнисмени во Северна Македонија како главни извори на дезинформации.
„За разлика од повеќето земји во регионот, каде медиумскиот пејзаж е релативно стабилен веќе една деценија и повеќе, во Северна Македонија имаше две значајни промени во структурата на нејзиниот медиумски систем, и обете имаа последици за продукцијата и ширењето на дезинформации“,
се наведува во анализата.
Според пишувањето, првата значајна промена се случила за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и особено во последните години од тоа владеење, кога водечките медиуми биле под строга контрола на партијата и биле вмешани во „речиси сите дезинформациски активности на партијата“, а нивната цел била да се дискредитираат политичките противници и да се промовираат националистички, и честопати антизападни, ставови. По промената на владата, клучните телевизии ја промениле уредувачката политика, и известувањето станало побалансирано и професионално.
„Дел од некогаш проминентните извори на дезинформации и кампањи за дискредитација и понатаму се активни, но немаат пристап до мејнстрим медиумите. Тие се сега маргинализирани и можат да се најдат само на одредени Тв канали или на сопствени ЈуТуб канали, со намален опсег“,
се наведува во студијата.
Вториот фактор кој има улога во ширењето дезинформации, според студијата што ја пренесува Дојче Веле, е засилената инвестициска активност од Унгарија на македонскиот медиумски пазар.
Тука се наведува купувањето на неколку македонски медиуми чии сопственици биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ и кои претходно биле примарни извори на провладина пропаганда: ТВ Алфа, и порталите Курир и Република; од страна на унгарски државјани поврзани со тамошниот провладин медиумски пазар, кои „откако ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, се вмешани во бројни дезинформациски кампањи, не само за дискредитација на Владата на СДСМ, туку и за поткопување на Преспанскиот договор со Грција и другите евро-атлантски напори на земјата“.

„Другите големи дезинформациски канали, откриени во нашата анализа на социјалните мрежи, го вклучуваат интернет-порталот Инфомакс.мк, и профилите на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот, како и на познати личности, меѓу кои и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, анти-западниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски“,
се наведува во студијата на Европскиот парламент.
Целиот текс на Дојче Веле може да го прочитате тука.