Јасно кажа дека ова е нејзиниот последен мандат на чело на германската влада. Но, со оглед на одличниот рејтинг во текот на епидемијата со ковид-19, како и внатрепартиските несогласувања, сите се прашуваат: дали Ангела Меркел можеби ќе го има и петтиот мандат како канцеларка, пишува „Дојче веле“, чија анализа ја пренесуваме во продолжение
Ако кај Ангела Меркел понекогаш се забележуваше замор од високата политика, во текот на епидемијата од тој замор нема ни трага. Последниот нејзин настап во Бундестагот сведочи за тоа. Во официјалниот протокол ќе остане запишано колку аплауз доби не само од демохристијаните, туку и од пратениците на социјалдемократите, па дури и од опозициските либерали, зелените и левицата.

Меркел е на чело на кризниот менаџмент во текот на, најверојатно, најголемата криза што ја зафати Германија во последните децении.
Министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер, поранешен премиер на Баварија, секогаш има амбивалентен однос кон Меркел. Но, на почетокот на мај и тој рече оти „не може да негира дека во последно време повеќе пати ја слушнал идејата“ дека Меркел и на следните парламентарни избори во 2021 г. ќе биде кандидатка за канцеларка од редовите на демохристијаните.
Гласините се сè погласни, особено што нејзината партија ЦДУ е во големи маки да пронајде ново раководство и кандидат, а тоа да не се претвори во копање внатрепартиски ровови.
Граѓаните се задоволни како власта се справува со кризата, што ја засили поддршката за демохристијаните. Последните анкети покажуваат поддршка за ЦДУ од 38-39 проценти, што е дури 15 отсто повеќе од пред кризата.
Сепак, Меркел одамна рече дека наскоро доаѓа крајот на нејзината кариера. Тоа го направи во октомври по очајните изборни резултати во покраините Баварија и Хесен, за што многумина ја обвинија лично нејзе. Тогаш Меркел најави дека ќе ја предводи владата до крајот на мандатот во 2021 г. и оти потоа нема да се кандидира. За неа тоа би значело пензионирање на 67 години.
Разговорот со повеќе пратеници од редовите на демохристијаните покажува дека тие се полни со пофални зборови за канцеларката, но и сите избегнуваат со нивните изјави да ги разгорат гласините дека таа можеби ќе се предомисли.
„Во меѓународната политика и кај домашната јавност канцеларката има извонреден углед. Меѓу политичарите, носителите на одлуки, меѓу народот“,
вели пратеникот Марко Вандервиц за „Дојче Веле“.
Неговиот колега од пратеничката група на ЦДУ, Хериберт Хирте, не верува дека Меркел може да се предомисли.
„Таа донесе одлука. Нејзината сила е во тоа да се држи до одлуките кои ги донела по внимателно анализирање, дури и кога ќе наидат странични ветрови“,
вели тој.