Од Град Загреб велат дека сите ученици се безбедни и се надвор од училиштата и оти надлежни служби преземаат максимални мерки за да се обезбеди нормализирање на ситуацијата што е можно поскоро
Дојави за поставени експлозивни направи стигнале во текот на ноќта во неколку училишта во Загреб, Пожега, Чаковец и Слатина.
Дојавите, како што пренесуваат хрватските медиуми, стигнале на електронските адреси на училиштата.
Од загребската полиција потврдуваат дека имало дојави и велат дека службеници се испратени на локациите и ја проверуваат веродостојноста на наводите во добиената електронска пошта.
Од Град Загреб велат дека се во контакт со полицијата и дека се врши увид во училиштата. Оттаму додаваат дека сите ученици се безбедни и се надвор од училиштата и оти надлежни служби преземаат максимални мерки за да се обезбеди нормализирање на ситуацијата што е можно поскоро.
„Најостро го осудуваме овој неодговорен и опасен чин и изразуваме надеж дека сторителот или сторителите брзо ќе бидат идентификувани и најстрого казнети“,
додаваат од Град Загреб.
Наставата во училиштата е прекината и таа ќе продолжи откако полицијата ќе заврши со увидот.
Директорка на едно училиште во изјава за хрватските медиуми потврдува дека сите ученици и наставниот кадар се безбедни.
„Сè што можам да кажам во овој момент е дека сите студенти се безбедни. Не можам да ви кажам како дојде заканата до нас или нешто друго. Можам само да кажам дека веднаш испративме известување до сите ученици, наставници и родители за тоа што се случува и дека не е безбедно да се одржува настава во утринска смена додека не се воспостави безбедност во училиштето“,
вели таа.
Директорот на Машинското училиште „Фран Бошњаковиќ“, како што пренесува хрватски „Индекс.хр“, вели дека во пораката што стигнала до нив пишувало дека има бомба и дека доаѓа одмазда. Според „Индекс.хр“ и другите училишта добиле идентична порака и оти се споменувал Алах и „кревање на училиштето во воздух“.