„Денеска на службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата добиени се дојави за поставени експлозивни направи“, велат од МВР
Дојави за поставени бомби утринава се стигнати во неколку скопски основни училишта.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека дојави за поставени експлозивни направи освен во Скопје има и во други градови во земјата.
„Денеска на службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата добиени се дојави за поставени експлозивни направи“,
одговорија кратко од МВР од каде што повеќе информации рекоа дека ќе има во текот на денот.
Потврда за дојавите има од градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој во изјава за „360 степени“ рече дека во шест основни училишта утринава наставата била прекината.
Станува збор за училиштата „Блаже Конески“, „Лазо Ангеловски“, „Александар Македонски“, „Браќа Миладиновци“, „Љубен Лапе“, „Димитар Македонски“.
„Присутните веднаш се евакуирани, направени се безбедносни проверки од страна на полицијата и децата се вратени на настава. Настава од прво до петто одделение нема во ’Димитар Македонски’ каде што родителите си ги зеле децата. Другите одделенија се со редовна настава“,
ни изјави Митески.
И градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, потврдува дека во повеќе основни училишта во овој дел од градот има пристигнати дојави за поставени бомби.
Стефковски во објава на неговиот фејсбук-профил вели дека сите деца се на безбедно и се во придружба на наставниот кадар.
„Утрово директорите на повеќе основни училишта ме информираа дека има пристигнато дојави за поставени бомби. Досега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар. Апелирам на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаи“,
пишува Стефковски.
Тој додава дека веднаш по информациите се преземаат сите неопходни мерки за проверка на пристигнатите информации и институциите веќе постапуваат.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, за „360 степени“ потврди дека во речиси сите основни училишта што се под оваа општина има стигнато дојави за поставени бомби.
Во Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски вели дека дојави за поставени бомби стигнале во „Киро Глигоров“, „Гоце Делчев“, „Димитар Миладинов“.
„Првата дојава е стигната во ’Димитар Миладинов’ кога учениците уште не биле пристигнати и веднаш се направени безбедносни проверки. Наставата потоа е почната и е во нормален тек. Во ’Киро Глигоров’ дојавата е стигната подоцна кога децата веќе биле на училиште, тие се евакуирани и се вршат проверки. Децата се пуштени дома“,
рече Герасимовски за „360 степени“.
Освен во Скопје, како што пренесува МИА, дојави за поставени експлозивни направи утринава имало и во две училишта во Штип.
Во 2022 и 2023 година наставата во основните и средните училишта се одвиваше со прекини поради лажни дојави за бомби.
Дојавите за бомби беа актуелни и во регионот. Вчера дојави имаше во неколку хрватски града.