Заканата за поставена бомба во зградата на Обвинителството била добиена утрово околу осум часот по локално време

Дојава за поставена експлозивна направа утрово била стигната до Обвинителството на Бугарија. Софиските медиуми јавуваат дека судските и општинските згради се затворени.
„Утрово околу осум часот по локално време на мејлот на Јавното обвинителство на Бугарија е испратена порака во која се тврди дека има бомба во Обвинителството. Поради тоа беше неопходно затворање на Судската палата, во која заедно со судот се сместени и раководството на државното обвинителство и градското обвинителство на Софија. Во моментот полицијата врши проверки“,
наведуваат медиумите.
Исто така, се проверуваат и зградата на Окружниот суд во Софија каде што се наоѓа Окружното обвинителство, како и други простории на државното обвинителство.
Вчера, на аеродромот во Софија беше спроведена специјална полициска акција поради дојава за поставена бомба. Од патниците и посетителите на двата терминали било побарано веднаш да излезат надвор од зградите и да го чекаат крајот на полициската акција.