Со договорот, како што вели тој, САД ќе имаат пристап до резервите на ретки земјини минерали и магнети во Кина, што беше едно од главните барања на американската делегација за време на разговорите изминатите два дена
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека е постигнат трговски договор меѓу Соединетите Американски Држави и Кина по дводневните разговори во Лондон оваа недела.
„Нашиот договор со Кина е склучен“,
напиша Трамп на својот профил на социјалнита мрежа Трут соушл.

Со договорот, како што објави тој, САД ќе имаат пристап до резервите на ретки земјини минерали и магнети во Кина, што беше едно од главните барања на американската делегација за време на разговорите изминатите два дена.
„Нашиот договор со Кина е склучен. Се чека конечно одобрување од претседателот Си и од мене. Кина веднаш ќе испорача сите потребни ретки земни елементи. Исто така, ќе ѝ го обезбедиме на Кина она што беше договорено, вклучително и дозволување на кинеските студенти да студираат на нашите универзитети. Добиваме вкупно 55 отсто од царините, Кина добива 10 отсто. Односот е одличен“,
рече тој.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник потврди дека царините од 55 отсто за кинескиот увоз што ги наметнаа САД нема да бидат променети по склучувањето на нов трговски договор меѓу Пекинг и Вашингтон.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави договорот меѓу САД и Кина и рече дека тој е извор на надеж за Европската Унија.