По долгогодишната авторитарна регресија во регионот, оценуваат од Фондацијата, лично Зоран Заев, донесе пресврт нудејќи им надеж на прогресивните сили во Југоисточна Европа
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој како премиер во 2018 година го постигна договорот со тогашниот грчки колега Алексис Ципрас за надминување на спорот за името, ја доби наградата за човекови права за 2020 година од Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Германската фондација за социјалдемократија му ја доделува наградата на лидерот на СДСМ за лична посветеност во Договорот од Преспа, како и за неговите напори за европска иднина и слободно општество.

Фондацијата „Фридрих Еберт“, како што се наведува во соопштението, ја цени личната посветеност на претседателот Заев за склучувањето на Договорот од Преспа, како и неговите напори за европска иднина и слободно и отворено општество. По долгогодишната авторитарна регресија во регионот, оценуваат од Фондацијата, лично Зоран Заев, донесе пресврт нудејќи им надеж на прогресивните сили во Југоисточна Европа.
„Фондацијата ‘Фридрих Еберт’ му ја доделува наградата на Заев во знак на признание за неговиот придонес кон мировната политика, заснована врз склучување на Договорот за пријателство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор со Грција во 2018 година. Со тоа конечно, после 27 години, решена е блокадата на Северна Македонија за членство во НАТО и почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ“, се вели во денешното соопштение на Фондацијата.
Договорите, наведуваат од Фондацијата, претставуваат клучна пресвртница на патот кон подобри услови за живот за сите граѓани.
„Заев посветенo се залага за слободно, отворено и социјално општество. Неговата одлучна реформска политика не само што придонесе кон мирот и стабилноста, туку, исто така, значи огромен чекор за државата кон ЕУ“,
оцени Курт Бек, претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“