Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го претстави блискоисточниот мировен план за решавање на конфликтот меѓу Израел и Палестина.
Во заеднички настап со израелскиот премиер Бенјамин Нетенјаху во Белата куќа, Трамп изјави дека Израел прави голем чекор на патот кон мир, оддавајќи признание на израелските власти.
Што подготви Трамп
Според планот на администрацијата, Ерусалим останува неделива престолнина на Израел. Додека на Палестинците им се дава историска шанса да создадат независна држава.
Говорејќи за судбината на Палестина, Трамп истакна дека станува збор за декади на неисполнети ветувања. Тој спомена дека САД издвоиле 50 милијарди долари помош за потребите на идната палестинска држава.
За ветените 50 милијарди долари, од Палестинците се бара да се разоружат и да го признаат Израел.
Од тој аспект, ја истакна важноста на борбата со сиромаштијата како еден од аспектите на палестинскиот проблем. Но и неопходноста да се запрат терористичките организации и да се надмине омразата кон Израел во регионот.
Ја истакна и тешката состојба на младите на Блиски Исток, кои, според него, влегуваат во живот без надеж, и САД имаат намера да се исправи состојбата на овој план.
„Дојдено е време да се исправат грешките направени од арапските земји во 1948 година и да го признаат Израел, наместо да го напаѓаат“,
заклучи Трамп.
Според планот, границите на Израел се очекува да се прошират со суверенитет над Јорданската Долина.
Реакции
Во својот настап, Нетанјаху изрази благодарност до Трамп и до неговата администрација за реализација на мировниот план.
Тој упати поддршка за акциите на САД на Блискиот Исток, вклучувајќи ги мерките за запирање на Иран, и посебно акцијата со убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.
За разлика од него, палестинскиот претседател Махмуд Абас го нарече мировниот план „заговор“ и на Трамп и на израелскиот премиер Нетанјаху им порача дека Палестинците и нивните права не се на продажба.
Палестинското движење Хамас ги поддржа Абас и неговата одлука да го одбие планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток.
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, ги повика сите палестински фракции да ги остават настрана своите несогласувања и да се обединат против планот на Трамп, јавија американските медиуми.
Абас најави итен состанок на Западниот Брег, по објавувањето на планот на Трамп, на кој се повикани и претставниците на Хамас.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, засега е воздржан, а од ОН соопштија дека тој е посветен на поддршката кон Израел и Палестинците да постигнат мировен договор врз основа на резолуцијата на ОН, меѓународното право, билатералните договори и создавањето две држави во границите од пред израелско-палестинската војна од 1967 година.
Европската Унија не го менува својот став во однос на израелско-палестинскиот конфликт и останува обединета во потрагата по заеднички прифатливо решение за двете страни, во согласност со меѓународното право.
Во реакцијата објавена утрово се вели дека ЕУ ќе ги разгледа и ќе даде своја проценка за предлозите на САД, но ќе остане обединета.
Според „Амнести интернешнал“ пакетот предлози на американскиот претседател му противречи на меѓународното право. Освен тоа, тој ја бетонира положбата на Палестинците, при што тие се лишени од своите основни права, соопштија од организацијата.
„Амнести интернешнел“ ја повика меѓународната заедница да го отфрли планот.