Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и за претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив има распишана внатрешна потерница

Авионот на владата на Република Српска, кој синоќа околу 22:30 часот полетал од Израел, слетал во Белград денеска околу 1:20 часот.
Претходно, за Израел авионот полетал од белградскиот аеродром околу 18 часот.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик бил во Израел на Конференцијата за антисемитизам во Ерусалим, но набрзо потоа потврди дека организаторите на конференцијата, на самата средба практично го прогласиле за непожелна личност, поради што бил принуден да ја напушти, пишуваат босанските медиуми.
Босанското студиот на Н1 повикувајќи се на израелскиот весник „Израел хајом“, пишува дека израелските власти „јасно ставиле до знаење дека Додик не е добредојден на настанот, што го натерало да го напушти местото на настанот“.
Додик во изјава за „Ерусалим пост“ наведува дека бил принуден да ја напушти конференцијата за антисемитизам во Ерусалим по само еден час од нејзиниот почеток, наводно откако израелските власти го информирале дека неговото присуство е дипломатски проблематично затоа што Судот на Босна и Херцеговина наредил распишување меѓународна потерница против него.
„Дојдов во Израел да зборувам против антисемитизмот. Наместо тоа, се чувствував како непожелен гостин, односно како натрапник“,
рече тој.
Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и за претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив има распишана внатрешна потерница.
Судот на БиХ го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево, а за да биде ефективна, меѓународната потерница треба да биде одобрена од централата во Лион.
Државите не смеат да постапуваат по овој налог додека од Лион официјално не се одобри распишување потерница, нагласуваат медиумите во Сараево.