Својата благодарност до американскиот претседател, Додик ја сподели преку објава на платформата Икс, наведувајќи дека со одлуката на актуелната администрација на Трамп е исправена голема неправда што на Република Српска ѝ била нанесенa од администрациите на поранешните американски претседатели Барак Обама и Џо Бајден
Лидерот на партијата Сојуз на независни социјалдемократи и поранешен претседател на Република Српска (РС), Милорад Додик, им се заблагодари на американскиот претседател, Доналд Трамп и неговите соработници за одлуката на Министерството за финансии на САД да ги укине санкциите против него и уште 48 други физички и правни лица што претходно беа воведени во рамките на Програмата за санкции за Западен Балкан.

Својата благодарност до американскиот претседател, Додик ја сподели преку објава на платформата Икс наведувајќи дека со одлуката на актуелната администрација на Трамп е исправена голема неправда што на Република Српска ѝ биле нанесени од администрациите на поранешните американски претседатели Барак Обама и Џо Бајден.
„Одлуката за укинување на санкциите не е само правна, туку и морална рехабилитација на вистината за Република Српска и сите оние што ѝ служат чесно. Уште еднаш се покажа дека сè што беше кажано против нас беше лага и пропаганда, врз која беше изграден големиот хаос создаден од Кристијан Шмит – хаос кој сега мора да се исчисти. На оние што се фалеа и веруваа во туѓите лаги овие години може да им се прости сè освен годините што ги изгубивме затоа што веруваа дека Република Српска ќе падне. Денес е јасно – таа никогаш нема да падне“,
напиша Додик на Икс.
Захвалан сам предсједнику Доналду Трампу @realDonaldTrump и његовим сарадницима што су исправили велику неправду нанесену Републици Српској, њеним представницима и њиховим породицама – неправду коју су створиле Обамина и Бајденова администрација.
— Милорад Додик (@MiloradDodik) October 29, 2025
Одлука о укидању санкција није…
Во врска со укинувањето на санкциите се огласи и членката на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ и една од најблиските соработници на Додик, чие име, исто така, е отстрането од листата на санкции.
Цвијановиќ и уште двајца членови на претседателството на БиХ одлуката ја дочекаа во Париз, Франција, каде што се во официјална посета.
„По слетувањето во Париз, ме пречека добра вест – дека американските санкции се укинати за 30 физички и повеќе правни лица од Република Српска, вклучувајќи ги и нејзините врвни функционери“,
напиша Цвијановиќ на Икс.
По слијетању у Париз дочекале су ме лијепе вијести – да су скинуте америчке санкције за 30 физичких и више правних лица из Републике Српске, укључујући и њене највише званичнике.
— Жељка Цвијановић (@Cvijanovic_Z) October 29, 2025
Претходно су санкције скинуте за четворо лица које обављају важне послове у систему власти Републике…
Одлуката за укинување на санкциите денеска на својата веб-страница ја објави Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД), односно неговата Канцеларија за контрола на странски средства – ОФАЦ (OFAC).
Во објавата на одлуката, покрај Додик и Цвијановиќ, наведени се и имињата на уште 28 лица за кои се укинуваат санкциите, а меѓу нив се децата на експретседателот на ентитетот Република Српска, односно неговите син Игор и ќерката Горица, потоа претседателот на парламентот на РС, Ненад Стевандиќ, како и голем број актуелни и поранешни функционери во ентитетските и владините тела на БиХ.
Претходно воведените санкции се укинати и за Синиша Каран, кој е кандидат на партијата на Додик на предвремените избори за претседател на Република Српска закажани за 23 ноември.
Од списокот на санкционирани фирми се отстранети и голем број компании поврзани со семејството Додик, а кои претходно се најдоа на оваа листа поради сомневања дека нивните средства се користат за финансирање на владата на Додик и за незаконски активности.
Причините за укинувањето на санкциите не се наведени во одлуката, која следува откако Додик го прифати неговото разрешување од функцијата претседател на Република Српска и повлекувањето на законот што парламентот на ентитетот го донесе во декември минатата година, а чија цел беше да го блокира дејствувањето на судските и полициските органи на Босна и Херцеговина.
Соединетите Американски Држави првпат воведоа санкции против Додик во 2017 година, за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, а кои подоцна беа засилени бидејќи, освен за поткопување на Дејтонскиот договор, тој беше означен и како лице вмешано во коруптивни активности.
