Новинарот на „360 степени“, Александар Димитриевски, ја доби третата награда за сторијата „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“. Пофалници има за уште двајца новинари од нашата редакција – Славица Филиповска-Иванова и Михаил Милошевски, за серијалот стории – како функционер на ВМРО-ДПМНЕ доби лиценца за испитен центар за возачки дозволи во Битола, како и за сториите поврзани со (не)изградбата на државни базени

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ги додели новинарските награди „Никола Младенов“ за 2025 година. Првото место го делат три редакции за истражувачки стории поврзани со трагедијата во Кочани. Тоа се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата КОД, за серијалот истражувања за пожарот во дискотеката „Пулс“ и новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка, за сторијата за тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“.
„Со своите истражувања тие не само што отворија суштински прашања за институционалната одговорност, незаконските постапувања и системската корупцијата, туку и придонесоа јавноста да добие поцелосна, документирана и аргументирана слика за околностите што доведоа до трагедијата“,
велат од МИМ.
Втората награда ја делат тимот на БИРН Македонија за истражувањето и дата-базата за имотите на МПЦ-ОА и ИВЗ, и новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“.
Новинарите Александар Димитриевски, за сторијата „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“, објавена на „360 степени“, и Фисник Џелили, за сторијата за злоупотребите на средства за третман на кучињата скитници во Тетово, објавена на порталот Порталб, ја делат третата награда.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман им беа доделени на Мирослава Симоновска, Фросина Факова Серафиновиќ, Бјанка Станковиќ, Славица Филиповска-Иванова и на Михаил Милошевски.

Нашите новинари Славица Филиповска-Иванова и Михаил Милошевски се пофалени за серијалот стории – како функционер на ВМРО-ДПМНЕ доби лиценца за испитен центар за возачки дозволи во Битола, како и за сториите поврзани со (не)изградбата на државни базени.
На годинешниот конкурс, што беше објавен на 27 јануари и траеше до 17 февруари 2026 година, пристигнале 42 стории обработени во 122 текста и видеоприлози.
„Генерална оценка на комисијата е дека најдобрите стории оваа година се одликуваат со темелна проверка на факти, користење разновидни извори, серијален или долгорочен истражувачки пристап, јасна структура и способност комплексните теми да се преточат во разбирливи и влијателни новинарски производи. Токму овие вредности ја потврдуваат суштинската улога на истражувачкото новинарство како коректив на институциите и како важен столб на демократското општество. Комисијата особено го нагласува фактот дека и во услови на ограничени редакциски ресурси, силни политички и економски притисоци и зголемена динамика на дневно информирање, истражувачкото новинарство во земјата продолжува да продуцира релевантни, храбри и општествено значајни содржини“,
велат од МИМ.
Комисијата им оддава признание на сите новинари и редакции во земјата, особено на локалните дописници од Кочани, Штип и од околните места, кои, според нив, професионално и во согласност со етичките стандарди на новинарската професија, континуирано ги информираат граѓаните и влијаат врз подигнување на јавната свест, барајќи одговорност од институциите за причините и околностите кои доведоа до трагичниот настан во Кочани.
„Нивниот придонес има особена вредност затоа што станува збор за новинарска работа извршувана во исклучително тешки, чувствителни и емотивно оптоварени околности, при што професионалноста, етичноста и одговорноста кон јавноста останаа во прв план“,
велат оттаму.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар Никола Младенов.
