Меџити вели дека откако ќе стигне решението од второстепена комисија при Државна комисија по жалби за јавни набавки – одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка на ленти и глукомери за пациенти со тип 1 и тип 2 и во најбрз можен рок ќе почне распределбата во инсулинските аптеки

Максимално ќе се заложам веќе никогаш да не бидат случај застои во набавките на лекови, рече министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната средба со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија.
Тој денеска ја потпиша одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, како и за бремените жени и слепите лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори.
„Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок, навистина жалам што набавката на ленти и глукомери за пациенти со тип 1 и тип 2 доцни, таа требало да се започне уште во декември, од претходното раководство“,
истакна Меџити и додаде дека е при крај анализата за пронаоѓање модел за да се избегнат досегашните проблеми.
На средбата Меџити рече дека има целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат лицата со дијабетес во земјава и максимално се заложуваат актуелните предизвици да бидат надминати.
„Правиме сè што е во наша моќ што побрзо се завршат правните процедури кои како институција мора да ги почитуваме. Како што веќе во неколку наврати информиравме, во моментот течат жалбените постапки на набавката на ленти, процедура која не зависи од Mинистерството. Доколку второстепена комисија ја одбие жалбата, веднаш ќе се пристапи кон склучување на договорот за набавка на ленти и глукомери за пациенти со тип 1 и тип 2“,
рече Меџити.
Сојузот на здруженија на дијабетичари од Меџити добија објаснување дека откако ќе стигне решението од второстепена комисија при Државна комисија по жалби за јавни набавки – одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка и во најбрз можен рок ќе почне распределбата во инсулинските аптеки.
За денеска во 19 часот Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија најави дека ќе одржи предупредувачки мирен протест пред Министерството за здравство. Протестот, како што велат од Сојузот, е поради тоа што лицата со дијабетес не ја добиваат соодветната терапија.
Од Сојузот на здруженија на дијабетичари велат дека повеќе од половина година не добиваат навремена терапија, глукомери, игли и ленти, како и сетови за децата со Тип 1. Тие велат дека се принудени по неколку пати во месецот да одат до аптеките и се во неизвесност дали ќе стигнат навреме потребните лекови, трошат дополнителни средства од својот домашен буџет.