Прогласувањето на културното и на природно наследство во Охридскиот регион за наследство во опасност, е единствена шанса тоа да биде спасено – велат од „Фронт 21/42“, една од најгласните невладини организации кои се грижат за заштита на охридските богатства.

Ниту актуелната сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО која се одржува во Баку не ја следат тивко, а лицитацијата со разни теории околу нејзиниот исход, дополнително ги предизвика активистите на ова еколошко здружение да реагираат.
„Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени Исклучителните Универзални Вредности. Во оваа смисла, најпатриотскиот чин кој нашата делегација може (и ако сака да го зачува најголемото природно и културно богатство – мора) да го направи во Баку, е да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО“,
пишува во нивната реакција.
„Фронт 21/42“: Бројот на дивоградби можно е да достигнува и над 10.000
Оваа организација повеќе пати својата остра реторика кон надлежните ја упатувале и преку камерата на „360 Степени“. Со нас ги споделуваат и своите сомнежи за регистарот на дивоградби кој општина Охрид го публикуваше пред неколку дена, а според кој официјално во Охрид има 1076 дивоградби, од кои 409 во заштитениот појас.

Велат дека според нивните сознанија и податоци, дивоградби можно е да има над десет илјади, и дека општината прикажува само една десетина од вистинската бројка која и самата е алармантна.
„Бројот на дивоградби во Охрид (оние кои треба да се најдат во инвентарот и чие влијание врз вредностите треба да се анализира) е можеби и десет пати повисок – до 2015 општината има легализирано 2.570 дивоградби (Извештај на Народен Првобранител за спроведување на Законот за легализација на дивоградби 2015), на ова додадете ги 336 легализации во периодот ноември 2018-јуни 2019 (податоци од Службените гласници на Општина Охрид) и фактот дека до 2015 има добиено 11.094 барања за легализација (истиот Извештај на Народниот Правобранител).“
откриваат од еко-здружението.
Инаку, македонската делегација во Баку ја предводи министерот без ресор Едмонд Адеми, а со него се и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Сесијата почна 30-ти јуни, а расправата за статусот на Охридскиот регион, се’ уште не е дојдена на дневен ред.