Од владејачката партија излегоа со обвинувања до СДСМ дека додека Филипче бил министер за здравство во владата на Зоран Заев имало план за отворање прифатни центри за мигранти на територијата на Македонија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со меѓусебните обвинувања околу темата за наводно прифаќање мигранти во земјава од Велика Британија, што ја отворија тамошните медиуми.

Од опозициската партија изминативе денови преку прес-конференции и соопштенија тврдат дека Владата преговара и разговара за префрлање мигранти од Велика Британија во земјава. Оттаму утрово, коментирајќи го вчерашното гостување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, велат дека потврдил оти постои таков план, кој власта се обидува да го замаскира употребувајќи други термини.
На нивните наводи веднаш одговорија од владејачката партија, од каде што велат дека СДСМ шири конструирани лаги, манипулации и вештачки теми за да го одвлече вниманието од сопствените проблеми.
„Наместо СДС да се исчисти од (Венко) Филипче и неговиот ментор (Зоран) Заев, кои ја уништија партијата и ја доведоа до 120 илјади гласа, тие прават сè за да останат на чело, на и така распуштената партија. Од таа причина отвораат разни теми, како и последната со мигрантите. И покрај тоа што сите во државата, но и британскиот амбасадор, негираа дека во Македонија ќе се носат мигранти од Велика Британија, СДС и Венко Филипче продолжуваат само за тоа да зборуваат. Иако знаат, уште еднаш им повторуваме, додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во државава никакви мигранти нема да има“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму излегоа со обвинувања до СДСМ дека додека Филипче бил министер за здравство во владата на Зоран Заев, имало план за отворање на прифатни центри за мигранти на територијата на Македонија.
Според владејачката партија, тогаш на седница на Владата гласал за ваквиот план, што, како што додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, го прави единствен актуелен политичар кој работел на населување мигранти во земјава.
„Во 2018 година, како министер во тогашната влада за Заев, Филипче активно учествувал во носењето План за проект за изградба на прифатен центар за мигранти во Бардовци. На ден 26.01.2018 година, во ‘Службен весник на Република Македонија“, број 16, страна 189, точка 1.6, стои: ‘Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци’. Од ова е многу очигледно дека Венко Филипче и СДС имале партиска и државна политика за населување мигранти и да не бил тогашниот притисок од ВМРО-ДПМНЕ, денес во Македонија ќе имаше мигранти“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот, од партијата порачуваат дека нема да можат да ја дефокусираат јавноста со измислени теми и бараат СДСМ и нејзиниот лидер да им се извинат на граѓаните поради лажењето и ширењето паника и страв.
„Сè додека Филипче е во опозиција, мигранти во Македонија нема да има“,
порачуваат од владејачката партија.
Инаку, од опозициската СДСМ, утрово преку соопштение обвинија дека планот на ВМРО-ДПМНЕ за примање мигранти во Македонија е целосно разоткриен, а тоа не го потврдуваат само пишувањата на британските и на светските медиуми.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски со иста техника, по моделот на Вучиќ со литиумот во Србија, сакаат да го спроведат проектот „мигранти за пари“ во Македонија. Планирано е овој потег да се реализира по изборите во јуни.

Што содржи планот, од СДСМ велат дека вчера најавил Антонијо Милошоски, кој во интервју на национална телевизија изјави дека странските работници кои доаѓаат преку дозволи и агенции немаат никаква врска со азиланти и мигранти. Ова, како што се вели во соопштението од СДСМ, укажува дека ВМРО-ДПМНЕ статусот на мигрантите ќе го преименува во „економски работници“.
Инаку, СДСМ вчера ја објави резолуцијата против прифаќање мигранти во земјава, што најавија дека ќе ја поднесат до Собранието. Во резолуцијата се наведени седум точки.
Во неа, меѓу другото, се бара Собранието да ја задолжи Владата веднаш да ги прекине сите евентуални преговори од ваков тип и во рок од три дена да достави целосен извештај до пратениците за сите комуникации остварени со Владата на Обединетото Кралство или други субјекти на оваа тема.
