Претседателот на ССМ порача дека денешниот протест треба да ги засрами сите, особено 120 избрани пратеници кои, како што додаде, уште на денешната собраниска седница треба да предложат зголемување на минималната плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6 000 денари
Добро утро на сите освен на пратениците – порача претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на денешниот протест на работниците со кој го блокираа пристапот до Собранието. Трендафилов ги критикуваше пратениците дека две години го блокираат предлогот на ССМ за зголемување на работничките плати или за зголемување на минималната плата и зголемување на сите останати плати за најмалку 6 000 денари.

Токму затоа, како што рече, прва во низата блокади на институции што ќе следат, е пред Собранието. Блокадата започна во 9 часот, а ќе заврши во 11 часот, кога е закажан почетокот на денешната пленарна седница.
„Денеска по 21 човек на две локации го блокираме Собранието за пратениците да не можат да дојдат со сопствените возила на работа и да не можат да наплатат патни трошоци за превоз како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем дел од пратениците станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица затоа што се срамат од нив. Се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна пратеничката плата, според најавите, ќе се зголеми не само за 9,2 проценти колку што пресмета гувернерот на Народна банка, туку за 12,6 проценти затоа што голема е веројатноста Уставниот суд да ја укине одредбата на Владата од претходната година“,
изјави Трендафилов на денешниот протест пред Собранието.
Претседателот на ССМ обвини дека пратениците се подготвени да ги намалат коефициентите на своите плати за 9 проценти, само за да не ги зголемат платите на работниците.
„Нè осудуваат дека иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти била неуставна затоа што ќе дошле на минималец, сфатиле колку тешко ќе живеат, па затоа сметаат дека е неуставно да им се намалат нивните високи пратенички плати. Но, прашуваме – како ако ги намалат за 9 проценти коефициентите ќе биде уставно, а нема да биде уставно да ги намалат за 80 проценти нивните коефициенти и да ја променат нивната основица со минимална плата наместо со сегашната просечна плата“,
рече Трендафилов, обвинувајќи ги пратениците дека нечовечки се однесуваат кон работниците.
Тој порача дека денешниот протест на ССМ треба да ги засрами сите, особено 120 избрани пратеници кои, како што додаде, уште на денешната собраниска седница треба да предложат зголемување на минималната плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6 000 денари.
„Доколку не го направат тоа, како што ветивме, ќе собереме 10 000 потписи, ќе им станеме овластен предлагач и ние, работниците, ќе им ги намалиме нивните пратенички и функционерски плати“,
додаде Трендафилов, обвинувајќи ги пратениците дека нечовечки се однесуваат кон работниците.
Денеска, додаде тој, пратениците нема да смеат да наплатат патни трошоци како што наплаќале досега, а доколку некој пратеник денеска наплати 100, 150 или 200 евра за да дојде на работа, рече дека ССМ за тоа треба да биде известен од претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Според најавите, Сојузот на синдикати на Македонија в четврток ќе го блокира приодот до Стопанската комора, а наредниот вторник, кога се одржуваат редовните владини седници, ќе бидат блокирани улиците околу Владата. Трендафилов изрази очекување дека премиерот и министрите наредниот вторник нема да избегаат од работниците како што тоа денеска го сториле пратениците.
