Ваква е реакцијата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) откако шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера кажа дека тој живее само од својата плата и оти таа му е важна. Изјавата на Османи, пак, следуваше по најавите за корекција на платите на функционерите и нивна пренамена за антикризни мерки за најранливите категории граѓани
Добро е што функционерите како министерот за надворешни работи разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се околу шест минимални плати, а имаат право и на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции. Ваква е реакцијата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) откако шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера кажа дека тој живее само од својата плата и оти таа му е важна.
Изјавата на Османи, пак, следуваше по најавите за корекција на платите на функционерите и нивна пренамена за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.
Од ССМ бараат Владата да не бара изговори и да не го одложува процесот за намалување на платите на функционерите, туку, како што велат, да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации и дијалог.

И покрај најавата за корекција на функционерските плати која ја даде вицепремиерот Фатмир Битиќи, на владината седница во вторникот не беше донесена одлука за корекција на Законот за платите на функционерите.
И покрај тоа, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека во наредните една до две недели треба да има решение за висината на платите на избраните и именуваните функционери, а кое ќе биде прифатливо, одржливо и нема да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд.
„Да не се грижат за одлуките на Уставниот суд како што тоа го направија за воведување на 72-часовната работна недела или, пак, сега кога сакаат да ја тргнат минималната плата од Законот за административни службеници и да достават до Парламентот предлог на Законот со кој ќе ги намалат функционерските плати за 78 отсто“,
се посочува во апелот од ССМ.
Синдикатот смета оти не е потребно многу време за да се направи измена на законот.
„ССМ веќе достави предлог до пратениците кои молчат три месеци, а истото го предлагаме и на Владата, со што во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката, член 11 се менува и гласи: ‘Основица за пресметување на платата започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година е минималната плата објавена во ’Службен весник’ за претходната година објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика‘“.
велат од ССМ.
