Претседателката им честита на режисерката Тамара Котевска и на целата филмска екипа за, како што рече, достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности
Добивме вредно филмско остварување за кое верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси – порача претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која вчеравечер присуствуваше на македонската премиера на документарецот „Приказната за Силјан“.

Претседателката им честита на режисерката Тамара Котевска и на целата филмска екипа за, како што рече, достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности.
„Филмот е моќна приказна за семејството, односите меѓу човекот и природата, борбата за пристоен живот. Се чини дека далеку од дома и од најблиските полесно ја согледуваме и разбираме потребата од припадност некаде и некому. Во право е режисерката кога вели дека филмот добива најголема тежина пред домашната публика, соочена со разбудените болни и искрени емоции“,
порача Сиљановска-Давкова.
Покрај претседателката, на премиерата на „Приказната за Силјан“ во Македонскиот народен театар присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски заедно со својата сопруга.

„Имав чест да присуствувам на филмот ‘Приказната за Силјан’ на Тамара Котевска – дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“,
порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков порача дека дека филмот е моќна македонска приказна за човекот и штркот Силјан раскажана со исклучителна чувствителност, суптилност и визуелна убавина.
„’Приказната за Силјан’ ја доживеа својата премиера во Скопје, отворајќи едно тивко, но длабоко емотивно филмско патување. Филм што својата светска авантура ја започна во Венеција, каде што освои престижна награда, а потоа продолжи да ги освојува фестивалите ширум светот и беше откупен од National Geographic Documentary Films. Вечерва, Силјан полета од Скопје и неговиот лет допрва ќе се памети“,
порача Љутков по синоќешната македонска премиера на документарецот.
„Приказната за Силјан“ беше македонски кандидат за престижната награда „Оскар“, квалификуван во две категории – најдобар странски филм и најдобар документарец. И покрај позитивните прогнози, документарецот на Тамара Котевска не успеа да се пласира во најдобрите 15 документарни филмови во трката за „Оскар“, но освои бројни награди и номинации на релевантни филмски фестивали во светот.
Во септември лани документарецот на Котевска беше откупен од „Нешнал џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци.
