Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата на Зелен хуман град за поништување на одлуката за регулациски план на ГУП за четврт С3 19 во населбата Влае. Подносителите на иницијативата велат дека со оваа одлука е добиена битката против градежната мафија и според нив значи дека сите претходни активности на основа на овој регулациски план се враќаат на почетна точка и треба да се прават на основа на постоечкиот ГУП.
„Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети кои стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив“
изјави Горјан Јовановски од Зелен хуман град
Иницијативата беше доставена на барање на „Борба за Влае“ , а поддржана со 23 гласа „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ДОМ, ЛДП и Алијанса на Албанците. Воздржани беа советниците од СДСМ.
„Жалиме да кажеме дека на почетокот на Советот советничката група на СДСМ проба да направи промени во дневниот ред со измена на точката за поништување на Регулацискиот план, кои не беа мнозински поддржани од останатите советници, а при гласањето кога нивните гласови беа круцијални гласаа воздржано“
реагираат од „Борба за Влае.“
Според подносителите на иницијативата , регулацискиот план е штетен бидејќи предвидува бетонизација на зеленило и изградба на облакодери , како и „исправање“ на улица која директно би навлегла во училиштето „Димо Хаџи Димов“.