Засега остануваат клучните препораки за заштита и за вакцинација, иако Светската здравствена организација укажа дека вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни против инфекции и трансмисии поврзани со омикрон-варијантата на коронавирусот, која има поголема способност за реинфекција. За заштита од новиот сој, СЗО препорачува покрај вакцинацијата да се преземат и санитарни мерки, како лична хигиена, носење маски, проветрување
Oмикрон-сојот се шири исклучително брзо и досега е забележан во 77 земји.
Засега остануваат клучните препораки за заштита и за вакцинација, иако Светската здравствена организација укажа дека вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни против инфекции и трансмисии поврзани со омикрон-варијантата на коронавирусот, која има поголема способност за реинфекција. За заштита од новиот сој, СЗО препорачува покрај вакцинацијата да се преземат и санитарни мерки, како лична хигиена, носење маски, проветрување.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува омикрон да стане доминантна варијанта во Европската Унија до средината на јануари и оти се подготвени да се борат со зголемена вакцинација.
Ова го потврди и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
Се очекува дополнително брзо зголемување на бројот на случаи на омикрон во Европската економска област (ЕЕА), предвидува здравствената агенција на ЕУ со седиште во Стокхолм во проценката на ризикот. ЕЕА ги вклучува 27-те земји на ЕУ, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Епидемиолошката ситуација во регионот во моментов сè уште се карактеризира со висок број случаи и ниска стапка на смртност, која сепак полека се зголемува, пишува ЕЦДЦ.
Се уште преовладува варијантата делта. Според моделот на предвидувањето, сепак, омикрон веројатно ќе стане доминантна варијанта во ЕЕА во првите два месеци од следната година.
Ова зависи од „распространувањето поврзано со заедницата“ во споредба со делта и степенот на „значително намалување на ефективноста на вакцината“. Се смета дека е многу веројатно дека омикрон ќе предизвика дополнителни хоспитализации и смртни случаи.
„Следните месеци ќе бидат тешки, истакна еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Омикрон се очекува да дојде во голем бран и да изврши нов притисок врз здравствените системи“,
рече таа.
„Додека Европејците се подготвуваат за празничната сезона, рече таа, не треба да се заборави на претпазливоста. Вакцинацијата со засилувачки дози треба да биде пресвртница“,
рече комесарката.
Директорката на ЕЦДЦ Андреа Амон, од своја страна, истакна дека земјите треба да ги зголемат своите напори за целосно вакцинирање на луѓето кои сè уште не биле вакцинирани и да дадат засилувачки вакцини што е можно поскоро.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера повика на вакцинирање со засилувачка доза, во моменти кога омикрон варијантата на коронавирусот се повеќе се шири.
Велика Британија објави рекорден број дневни случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, при што денеска се евидентирани дури 78 610 нови случаи. Најголем број пријавени случаи во еден ден досега имаше на 8 јануари, 68 053, јавува Би-би-си.
Британија неодамна воведе задолжителни маски во повеќето затворени простори и ковид сертификати за големи настани во Англија за да се намали ширењето на омикрон варијантата.
„Секој возрасен во Британија од денеска може да се вакцинира со засилуваќка доза. Апсолутно е важно луѓето сега да се вакцинираат со бустер доза бидејќи Велика Британија бележи рекорден број на нови случаи“,
рече Џонсон на прес конференцијата, на која учествуваа и шефот на англиското јавно здравство проф. Крис Вити и д-р Ники Канани, директорка на примарна грижа за НХС.
„Стапката со која се удвојува омикрон во некои региони сега е намалена на помалку од два дена“,
истакна Џонсон и додаде дека хоспитализациите се зголемиле за 10 отсто на државно ниво и за речиси една третина во Лондон.