По шестчасовната работа на терен од првата добиена дојава, директорот на БЈБ, Александар Јанев, вели дека безбедноста во државата е стабилна и оти нема потреба од паника
Повеќе од 240 дојави за поставени бомби денеска стигнале до училиштата во земјава. Сите дојави се лажни – вели директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, по шестчасовната работа на терен од првата добиена дојава. Вели дека безбедноста во државата е стабилна и оти нема потреба од паника.
Граѓаните, родителите и наставниците во училиштата, додаде, треба да бидат спокојни.
„Сите проверки укажаа дека се работи за лажни дојави за бомби, а се работи за повеќе од 240 дојави. Сите припадници на македонската полиција реагираа совесно, брзо и сталожено без да се крева паника. Пристапија во училиштата, разговараа со директорите, извршија проверки таму каде што требаше да се извршат. Имаме соодветен протокол и алгоритам по којшто постапуваме. Таму каде што параметрите беа позитивни, односно во зелена зона – наставата продолжи, таму каде што имаше одредени параметри во други зони се извршија дополнителни проверки и секаде се работи за лажни дојави“,
истакна Јанев.
Директорот на БЈБ вели дека се истражува која е целта и заднината на лажните дојави и додава дека во оваа насока се соработува со партнерите од Интерпол и Европол. Според неговата изјава, МВР ќе ги преземе сите превентивни и репресивни мерки доколку има потреба и ќе открива зошто се прават вакви лажни дојави.
Дополнително, како што рече, сите директори на училиштата во земјава во текот на денот од полицијата ќе добијат јасни инструкции што треба да се прави во иднина доколку повторно дојде до вакви појави.
„Имаме одредени траги, еве, ако може така да се изразам. Комуницираме и со колегите од Хрватска, кои пред неколку дена се соочија со истото и со Унгарија, каде што некаде околу 23 јануари се соочија со оваа појава“,
додава директорот на Бирото за јавна безбедност.