Годишните конкурси беа објавени на 4 октомври
На 6 ноември (сабота), во 12:00 ч. напладне, апликацијата на која се конкурира на годишните конкурси на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година автоматски ќе се затвори.
Годишните конкурси беа објавени на 4 октомври. Од Министерството за култура велат дека се во постојан контакт со корисниците преку отворените телефони и е-адресите наменети за техничка поддршка на апликантите и преземено е сè за процесот да се одвива непречено.
„Рокот истекува за неполни четири дена, па затоа ги замолуваме апликантите навреме да ги поднесуваат пријавите со цел да си дадеме простор сите заедно, за евентуално решавање на извесен проблем доколку има можност тој да се исправи до крајот на рокот“,
велат од Министерството.
Оттаму појаснуваат дека со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Така, можеме да информираме дека до денеска има пристигнато околу 600 пријави.
Детални информации на веб-страницата: www.konkursi.kultura.gov.mk