Грција се стреми, како што се приближува летниот период, постепено да ги укинува рестриктивните мерки наметнати од пандемијата, а до Велигден, според најавите од министерот за здравство, се очекува да се олабават низа рестрикции.
Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, во изминатите денови потенцираше дека намерата е чекор по чекор деескалација на мерките, а Владата има изготвено целокупен план што ѝ беше презентиран на надлежната комисија на епидемиолози, која излегува со препораки, по што и се носат политичките одлуки.
Сепак, Плеврис, но и грчките епидемиолози паралелно потенцираат дека пандемијата не е завршена, станува збор за динамична ситуација и конечните одлуки лесно можат да се променат.
Во секој случај, пораките се дека било која мерка што се укинува, од септември можеби да биде потребно одново да се разгледа и евентуално повторно да се воведе.