Сè уште се анализираат параметрите, имаме во голема мера јасни индикатори каде е базичната инфлација, која влијае на конечната инфлација, рече премиерот Мицкоски
До крајот на јули треба да биде познат моделот по кој Владата ќе реагира на забележливиот тренд на поскапување на прехранбените производи. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека сè уште се прават анализи и се разгледуваат неколку можни пристапи, но не откри конкретни детали.
„Сè уште се анализираат параметрите, имаме во голема мера јасни индикатори каде е базичната инфлација, која влијае на конечната инфлација. Очекувам до крајот на месецов да го конципираме моделот. Доколку трендот продолжи и во наредните месеци, ќе има мерки“,
изјави Мицкоски.
Според премиерот, Владата се консултира со економски професори, Пазарниот инспекторат, како и со претставници од трговските синџири, со цел да се пристапи на проблемот како заеднички предизвик, а не како судир на интереси.
„Размислуваме неколку пристапи. Треба еден заеднички пристап, да не се гледаме како различни страни. Проблемот треба да се гледа холистички за да дојдеме до трајно решение“,
рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека приоритет е да се утврди изворот на поскапувањата, наместо да се носат брзи, популистички мерки со краткотраен ефект.
„Најлесно е да се аплицира мерка што ќе даде резултат на краток рок. Но, ние сега подлабоко анализираме од каде се создава проблемот. Наш интерес е граѓаните да имаат најниски цени во Европа, но мора да видиме дали тоа е реално можно“,
рече тој.
Ова не е прва изјава на премиерот во насока на најави за анализи и таргетирани мерки. На 7 јули, тој веќе укажа дека ќе се прави детална анализа на базичната инфлација, а фокусот ќе биде ставен на оние сектори кои најмногу придонесуваат кон растот на цените.
Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на живот во јуни 2025 се зголемени за 4,5 проценти на годишно ниво, додека цените на мало бележат раст од 3,7 проценти.